Западните земји се претпазливи за околностите околу ракетната несреќа во Полска, која се случи во време на самитот на Г20 на кој тие се обидоа да ги убедат јужните земји да ја осудат руската војна во Украина.
Истрелувањето на ракети од руско производство, како што тврди Полска, го зголемува стравот од ескалација на конфликтот, за што уште од почетокот на средбата на Бали постојано предупредуваа лидерите на 20-те најголеми светски економии, меѓу кои и Владимир Путин.
Од индонезискиот тропски остров, американскиот, францускиот и британскиот лидер се консултираа со полските и украинските колеги во серија телефонски разговори од рано изутрина.
По вонредната седница која траеше речиси еден час, претседателите на државите и владите на Г7 (САД, Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Канада, Јапонија) и НАТО преку соопштение ја изразија својата целосна поддршка за Полска. Без да ги именуваат најпрвин виновниците, решиле да останат во контакт за да ги утврдат следните чекори во зависност од истрагата.
„Треба да утврдиме што всушност се случило. Потоа заедно ќе одлучиме за чекорите што ќе ги преземеме“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Додека Полска, членка на НАТО, зборува за ракета од руско производство, а Киев ја обвинува Москва, Бајден истакнува дека ракетата веројатно не била истрелана од Русија. Ракетата паднала врз селото Пржеводов, на југоистокот на Полска, недалеку од Украина, кое вчера претрпе тешки ракетни напади врз инфраструктурата и во област блиску до белоруската територија што руската армија ја користи од почетокот на агресијата на 24 февруари.
Бајден додаде дека со сојузниците разговарал за руските воздушни напади во Украина, кои ги нарече целосно неприфатливи. Во време кога светот се собира на Г-20 за да повика на смиреност, Русија продолжува да избира ескалација, рече тој. Многу јужни земји не сакаат да ја осудат Москва и претпочитаат да ги поканат двете земји на преговори. Но, притисокот врз руските власти се зголемува од почетокот на самитот на Г20, каде Западот сака да ги придобие другите земји како Кина и Индија.
И покрај нивните разлики, дваесетте членови на овој клуб, основан за решавање на економските прашања, се договорија за нацрт-комунике во кое ги усогласуваат нивните разлики во ставовите.
Рускиот претседател Владимир Путин, чија армија претрпе порази и се повлекува од јужна Украина, не дојде на самитот. Него го претставуваше неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој синоќа го напушти Бали и денеска не можеше директно да одговори на критиките.
Но, затоа украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на учесниците на Г20, или како што рече, на Г19, не сакајќи да ја спомене Русија, посочувајќи дека е дојдено време да се запре руската деструктивна војна.
Украинскиот амбасадор во Индонезија, Васил Хармјанџин, смета дека е симболично и значајно што на првиот ден од самитот сме сведоци на најлошиот бран на ракетни напади врз Украина, што е јасен знак за Г-20 и Индонезија за тоа како Русија ги третира мировните напори.
„Потоа две ракети паднаа во Полска, што ги покажува намерите на Русија“, изјави тој за Франс прес.
Во центарот на вниманието на собирот беше кинескиот претседател Си Џинпинг кој секогаш одбиваше да ја осуди инвазијата на Украина што ја започна неговиот руски сојузник, само индиректно критикувајќи ја инструментализацијата на снабдувањето со храна и енергија и отфрлајќи ги директните закани за употреба на нуклеарно оружје.
По средбата со Џо Бајден и Емануел Макрон, тој денеска требаше да разговара со британскиот премиер Риши Сунак, но таа средба беше откажана поради проблеми со распоредот. Тоа требаше да биде прва ваква средба на лидерите на две земји со многу затегнати односи во последните речиси пет години.