Неколку илјади Унгарци вчера, четврти ден по ред, излегоа на протести против унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој важи за еден од најистакнатите националистички лидери во Европа, како и против Законот кој дозволува до 400 часови прекувремена работа годишно, наведуваат западните медиуми во своите осврти на протестните собири во Унгарија.
Американскиот весник „Волстрит Џурнал“ оценува дека во текот на 12-те години владеење, Орбан донесе серија контрoверзни закони, зацврстувајќи ја неговата контрола врз судовите, универзитетите, Централната банка и врз речиси сите медиуми во земјата.
Според весникот, вчерашните протести претставуваат нов и сосема поинаков предизвик за Vладата на Орбан, имајќи предвид дека според една анкета од почетокот на месецот, дури 83 проценти од Унгарците не го одобруваат новиот Закон за работни односи.
– Унгарските синдикати, кои воопшто не реагираа на репресивните мерки на премиерот врз медиумите и универзитетите, овојпат се вклучија во борбата. Протестите се претворија во платформа за изразување на општиот гнев против Орбан, чија партија ФИДЕС контролира две третитни од Парламентот и таквата состојба ќе се задржи најмалку до следните избори во 2022 година. Дотогаш, Орбан ќе управува со Унгарија во половина од нејзината посткомунистичка историја, наведува „Волстрит Џурнал“.
„Блумберг“ оценува дека уличните протести против „нетолерантното владеење“ на унгарскиот премиер Орбан се засилија откако илјадници луѓе кои се залагаат за независност на судовите и слобода на печатот, се собраа пред зградата на државната телевизија во Будимпешта поведени од опозициски пратеници.
– На вчерашните протести се собраа значително повеќе луѓе во споредба со претходните и покрај студот. Масовноста на протестите сведочи за острата реакција против се поголемата централизација на власта од страната на Орбан. Тоа е одраз на очајот и на граѓаните и на опозицијата поради неможноста да влијаат на политиката, оценува „Блумберг“.
„Хафингтон Пост“ пак наведува дека вчерашните протести организирани од опозициските партии, студентските здруженија и синдикатите со барање за слободни медиуми, повлекување на Законот за прекувремена работа и за независен судски систем, во голема мерка бил мирен се додека полицијата не употребила солзавец против демонстрантите собрани пред телевизијата.
– На еден транспарент можеше да се прочита: „Се што сакам за Божик е демократија“, додава „Хафингтон пост“.
Порталот истакнува дека унгарскиот премиер Орбан, кој себе си се прогласи за „спасител на христијанската култура во Унгарија од муслиманската миграција во Европа“, и неговата партија Фидес соопштија дека зад „уличните немири“ стојат криминалци и го обвинија американскиот милијардер со унгарско потекло дека ги поттикнува протестите.
Лондонскиот весник „Индипендент“ пренесува изјава на студент по социологија, учесник на синоќешните протести, кој смета дека незадоволството се засилува и дека последните два закони усвоени од Парламентот не се во интерес на унгарскиот народ.
– Орбан повеќепати влезе во конфронтација со европските лидери во Брисел откако ја засили контролата врз судовите и медиумите. Организациите за заштита на граѓанските права го оценија новиот Закон за судовите како уште еден обид за контрола врз демократските институции, заклучува „Индипендент“.