Египетските власти денеска распоредија војска и полиција околу клучните институции во јужниот град Луксор, по обидот на група исламистички демонстранти да го преземат аеродромот во градот.
Оклопни возила се поставени околу аеродромот, музеите, полициските згради и хотелите во Луксор, кој е главна египетска туристичка атракција.
Огранокот на Муслиманското братство во градот и исламисти кои се поврзани со неа се заканија со радикализација на протестите, кои започнаа по смената од власт на поранешниот претседател Мохамед Морси.
– На секој обид за кршење на законот, правење хаос или напад врз јавни и приватни објекти ќе биде соодветно одговорено, изјави локален воен претставник.
Тензијата започна откако вчера министерот за одбрана Абдел Фатх ал Сиси ги повика Египќаните утре да излезат на митинг за да и дадат мандат на армијата да се справи со „насилството и тероризмот“.
Движењето Муслиманско братство го осуди повикот на министерот, оценувајќи го како поттикнување на граѓанска војна и се закани со големи протести утре.
Армијата го смени Морси од власта на 3 јули, откако претходно милиони Египќани протестираа барајќи негова оставка и предвремени претседателски избори.