Воените морнарици на Јужна Кореја и САД денеска почнаа петдневна воена вежба, по новите закани од Северна Кореја дека ќе лансира ракети кон американската територија Гуам.
Морнарицата на Јужна Кореја денеска соопшти дека во вежбите организирани близу Корејскиот Полуостров, се вклучени борбени авиони, хеликоптери, како и 40 морнарички пловила, меѓу кои и американскиот носач на авиони „Роналд Реган“.
Северна Кореја ги оквалификува заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја како „проба за војна“.
Пјонгјанг минатата недела ги обвини САД дека провоцираат, со тоа што поставуваат носач на авиони и друга воена техника толку близу до Полуостровот, заканувајќи се дека ќе лансира ракета кон Гуам.
Вчера, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека претседателот Доналд Трамп му наредил да продолжи со дипломатските напори, со цел смирување на тензичната ситуација во односите со Северна Кореја.
– Овие напори ќе продолжат до првата бомба, рече Тилерсон.