Забрана за невакцинираните во Австрија, ќе можат само на работа и во набавка

Од:

Милиони Австријци кои сè уште не биле вакцинирани против коронавирусот, веројатно наскоро ќе се најдат во локдаун, бидејќи стапката на инфекција се искачува на рекордно ниво, а единиците за интензивна нега се соочуваат со зголемен притисок.

Најпогодената покраина Горна Австрија планира од понеделник да воведе карантин за невакцинираните, според препораките на медицинските експерти.

Европа повторно е „во епицентарот“ на пандемијата поради нерамномерното покривање на вакцините и олабавувањето на превентивните мерки, објави минатата недела Светската здравствена организација, додавајќи дека до февруари се предвидуваат уште 500.000 смртни случаи во регионот.

Смртните случаи од коронавирус се зголемија за 10 проценти низ целиот континент во текот на изминатата недела, што го прави единствениот регион во светот каде што и инфекциите и смртните случаи од Ковид-19 се во пораст.

Австрија има најниска стапка на вакцинација во Западна Европа по Лихтенштајн, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Според владините податоци, покраината Горна Австрија има најниска стапка на вакцинација и највисока стапка на инфекција од деветте австриски покраини.

Регионалниот гувернер Томас Стелкер ја опиша ситуацијата како „драматична“ и рече дека блокадата ќе биде воведена „под услов да има правно зелено светло од федералната влада или федералната влада создаде правна основа“, пишува Гардијан.

Според планот, оние кои не се вакцинирани ќе имаат ограничувања во нивното секојдневно движење, вклучувајќи забрана за влез во ресторани, хотели, фризерски салони и големи јавни настани. Практично нивното движење ќе биде ограничено на работа и набавки.

Регионот ќе биде првиот што ќе се префрли на петтото ниво од владинот план од пет чекори, договорен во септември, кој предвидува дека кога 30 проценти од креветите за интензивна нега ќе бидат пополнети со пациенти со Ковид, луѓето кои не биле вакцинирани против коронавирус ќе бидат ставени во изолација. Сегашното ниво е 20 проценти и рапидно расте.

Судејќи според изјавите на канцеларот Александар Шаленберг, покраината нема да има проблем да добие благослов од федералната влада за карантин за невакцинираните, бидејќи таква мерка на големо се разгледува и на национално ниво.

– Според планот, имаме само неколку дена пред да треба да воведеме блокада за невакцинираните лица – рече канцеларот Шаленберг на прес-конференција во четвртокот, додавајќи дека стапката на вакцинација во Австрија е „срамно ниска“.

Околу 65 отсто од населението на Австрија е целосно вакцинирано против коронавирусот, според националната статистика. Горна Австрија регистрира нешто помалку од 60 отсто. Многу Австријци се скептични во врска со вакцинацијата, став што го охрабрува крајно десничарската Слободарска партија, трета по големина во парламентот.

За време на посетата на Брегенц на западот на земјата во четвртокот, Шаленберг рече: „Не гледам зошто две третини од граѓаните треба да ги загубат своите слободи поради третиот кој се двоуми“.

– За мене е јасно дека нема да има заклучување за вакцинираните од солидарност со невакцинираните. Не гледам од демократска гледна точка зошто мнозинството да биде во заложништво на малцинството. Локдаунот е тешка, но очигледно неизбежна мерка за невакцинираните – нагласи тој.

Поради тешката епидемиолошка состојба, тој е убеден дека зимата и Божиќ ќе поминат со мерки „2Г“ кои овозможуваат пристап до угостителските, забавните и културните институции само за вакцинираните и излечените од Ковид. Тој најави и зголемен притисок за контрола на почитувањето на мерките.

Како што објасни австрискиот канцелар, затворањето на невакцинираните значи дека тие не можат да излезат од дома освен да одат на работа, на основен шопинг или „да ги испружат нозете“ – токму она што сите мораа да го издржат за време на националните локдауни минатата година.

Бранот на случаи на коронавирус во Австрија доаѓа во време кога источноевропските земји, со најниски стапки на вакцинација на континентот, доживуваат некои од најголемите бројки на дневни смртни случаи по глава на жител во светот.

Бројот на нови случаи на инфекција со коронавирус во Австрија повторно се искачи на рекордно ниво, при што во четвртокот се регистрирани 11.975 инфекции, во петокот 934.948, а денеска има плус 13.152 новозаразени. Седумдневната инциденца на 100.000 жители се зголеми на 751, што е три пати повеќе отколку во соседна Германија.

Би можело да ве интересира

Паника во Европската Унија – доаѓа нов Орбан, склучил „пакт“ со Путин

А1он

(ВИДЕО) Австрискиот канцелар поднесе оставка, преговорите за коалициската влада пропаднаа

А1он

Австрија ќе почне да ги депортира Сиријците

Горан Наумовски

Австрија ќе го укине ветото за прием на Романија и Бугарија во Шенген

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски