Во Египет денеска, втор ден по ред, се одвиваа претседтелски избори, на кои речиси извесна е победата на поранешниот началник на Генералштабот на египетската војска, Абдел Фатах Ал Сиси.
Изборите траат два дена, а право на глас имаат околу 53 милиони државјани на Египет.
Набљудувачките групи соопштија дека вчера имала слаба излезеност, посебно во градовите каде доминираат исламистите, а во одделни средини на избирачките места не се појавил ниту еден гласач.
Најверојатно тоа е и причината поради која Владата денешниот ден го прогласи за празник за, меѓу останатото, вработените во владините и јавните служби, кои се околу 5,5 милиони да можат да гласаат. Освен тоа Владата го продолжи гласањето за еден час, пренесува Танјуг.
Ал Сиси (59) посакува голема излезеност за на Западот да му испрати порака дека симнувањето од власт на претседателот Мохамед Морси пред една година не бил државен удар, туку народна револуција, како онаа во 2011 со која беше ставен крај на 30-годишното владеење на Хосни Мубарак.
Ал Сиси гласаше вчера изутрина и ги повика бирачите да излезат во што поголем број на избирачките места.
– Целиот свет не гледа. Египќаните сега ја пишуваат својата историја и иднина, порача Сиси.
Во градовите каде доминираат исламистите и нивните сојузници, изборните места беа целосно празни откако движењето „Муслиманско братство“ ги повика своите приврзаници на бојкот, најавувајќи дека нема да ги признае ни резултатите од изборот, кои ќе бидат познати во почетокот на јуни.