Украинските пратеници денеска го избраа Володимир Гројсман за претсдател на Врховната рада, каде претходно беше формирана владејачка коалиција во Парламентот, која вклучува 302 пратеници и најверојатно ќе се вика Европска Украина.
Во коалицијата влегуваат блокот на украинскиот претседател Петро Порошенко (БПП), Народниот фронт (НФ), сојузот Самопомош, Радикалната партија на Олег Љашко и партијата Татковина на Јулија Тимошенко.
Најбројната група БПП ќе има 146 пратеници со Јуриј Луценко на чело, НФ – 83, а нејзин шеф ќе биде Александар Турчинов. Самопомош ќе има 32 пратеници, а со пратеничката група ќе раководи Олег Березјук, со групата од 22 пратеници радикали ќе раководи Љашко, а Татковина ќе има 19 пратеници и со неа ќе раководи Тимошенко.
Опозицискиот блок (ОБ) ќе има 40 пратеници, а претседател на нивната пратеничка група ќе биде Јуриј Бојко.