Околу 60 терористи се „неутрализирани“ во заедничка операција меѓу дел од војниците на француската мисија „Бархане“ во западна Африка и армијата на Буркина Фасо, изјави синоќа шефот на француските вооружени сили, пренесе ДПА.
Операцијата, наречена „Лаабингол“, се спроведе меѓу 16 и 23 јануари во близина на границата на Буркина Фасо со Мали, се наведува во соопштението на француската армија, додавајќи дека „близу 60 терористи се исфрлени од игра“.
Армијата во твитот го употребува терминот „неутрализирани“, без да прецизира дали терористите се убиени или заробени.
Француската армија соопшти дека цел на заедничката операција биле областите за кои се знае дека се засолништа на вооружените терористички групи.
Франција, како поранешна колонијална сила, е активно присутна во Западна Африка во борбата против исламистичките милиции. Во тековната француска операција „Бархане“ се вклучени околу 5.100 војници, пренесува ДПА.
Неколку вооружени групи се активни во државите Сахел – област која се протега јужно од Сахара од Атлантикот до Црвеното Море. Некои од нив се заколнати на верност на терористичките групи Исламска држава или Ал Каеда.
Извор: МИА