Дваесет и четири лица се ранети во земјотресот со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди западниот дел на Јапонија. Седум од ранетите се во тешка состојба.
Повеќето од повредените се возрасни лица, кои се здобиле со скршеници во обид да избегаат од домовите.
Епицентарот на земјотресот бил островот Аваџи, кој се наоѓа јужно од Кобе, на длабочина од 15 километри. Во 1995 година земјотрес со интензитет од 7,2 степени го погоди истиот регион и во него загинаа над 6.400 лица.
Еден вработен во воздухопловната канцеларија во Осака, при Министерството за сообраќај по грешка на адресите на 87 аеродроми испратил електронска порака, која однапред била подготвена во случај Пјонгјанг да лансира ракета. Погрешната порака е повлечена по шест минути, но најмалку еден домашен лет е одложен поради оваа грешка, соопшти Министерството.
На големите тензии во регионот поради заканите од Пјонгјанг, поради кои Јапонија е во целосна готовност, укажува и сличната грешка на функционери во Јокохама, кои во средата на профилите на 40 илјади следбеници на Твитер им испратиле исто и погрешно известување дека Северна Кореја лансирала ракета.
Според јапонската метеоролошка служба земјотресот нема да предизвика цунами. Локалниот железнички сообраќај е запрен поради безбедносни проверки, а аеродомот Кансаи во заливот Осака е привремено затворен.