Во тек е најголемата размена на затвореници меѓу САД и Русија од Студената војна

Од:

Тројца американски државјани затворени во Русија, вклучително и новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, треба да бидат ослободени како дел од договорот за размена на затвореници.

Гершкович, американскиот марински ветеран Пол Вилан и руско-американската радио новинарка Алсу Курмашева ќе бидат ослободени според договорот постигнат од администрацијата на Бајден, потврди висок американски функционер.

Севкупно, размената, која започна и треба да заврши денеска, ќе опфати 24 затвореници кои моментално се наоѓаат во Русија, САД, Германија и уште три западни земји.

Се очекува осум руски државјани да бидат вратени во Русија, вклучително и неколку за кои постои сомневање дека се поврзани со руското разузнавање.

Како што пишува Би-Би-Си, еден од затворениците во размената е Вадим Красиков, кој германските власти го идентификуваа како полковник на руската разузнавачка служба ФСБ. Красиков отслужува доживотна затворска казна за убиство на противник на Кремљ во парк во Берлин во 2019 година. Германските медиуми објавија дека тој бил во авион за турската престолнина Анкара.

Размената доаѓа по неколкудневните шпекулации за голема размена меѓу различните земји, која се интензивираше откако неколку дисиденти и новинари затворени во Русија беа преместени од нивните затворски ќелии на непознати локации.

Владимир Кара-Мурза, противник на Кремљ со двојно руско-британско државјанство, е еден од уапсените чие место е непознато, што ги подгрева очекувањата дека и тој би можел да биде ослободен. Меѓу другите кои би можеле да се најдат на листата се рускиот опозициски политичар Илја Јашин и ветеранот активист за човекови права Олег Орлов.

Иако тајните трансфери на затвореници се вообичаени во Русија, повеќекратните исчезнувања на познати затвореници се невообичаени.

Претходно оваа недела, белорускиот лидер Александар Лукашенко го помилува германскиот државјанин Рико Кригер, кој беше осуден на смрт поради тероризам и други обвиненија.

Би можело да ве интересира

(ФОТО) Солзи и прегратки: Русија и Украина разменија 115 воени затвореници

A1on

Трамп му честиташе на Путин за размената на затвореници

A1on

Турција: Разменети се 26 затвореници од седум земји, меѓу кои и Гершкович

Горан Наумовски

Повеќе од 60 Украинци и еден Американец ослободени во нова размена на затвореници со Русија

А1он