Насилството со огнено оружје бележи раст во Шведска, покажува извештајот на националната телевизија СВТ, базиран на полициски досиеја и сопствени истраги. Оваа година во Шведска досега се застрелани 18 лица, во споредба со пет во истиот временски период во 2021 година, 12 во 2020 година, 10 во 2019 година и осум во 2018 година.
Повеќето од пукањата се поврзани со криминални банди, покажува извештајот.
Последната жртва беше маж на 50-годишна возраст, кој почина во средата, откако беше застрелан во теретана во Стокхолм.
Организираниот криминал е сè позастапен проблем во Шведска во последните години, ширејќи се од големите градови Стокхолм, Гетеборг и Малме во помалите градови.
Со ширењето на организираниот криминал, насилството со огнено оружје и употребата на експлозив за конкретни цели, исто така, е во пораст.
Шведскиот совет за спречување на криминалот, Бра, во четвртокот соопшти дека бројот на смртоносни напади со оружје врз мажи и момчиња се искачил на 43 во 2021 година, во споредба со 41, од пред една година.
Бројот на жени и девојки убиени со огнено оружје се намали од седум на две во истиот временски период. Севкупно, бројот на луѓе убиени поради насилен криминал се намали на 113 во 2021 година, во споредба со рекордните 124 смртни случаи во 2020 година.
Извор: МИА