Во Саудиска Арабија луѓето стануваат похрабри

Од:

Дојче веле – Бон

Поминаа осум години откако саудискиот блогер Раиф Бадави е во затвор. Во декември, тој започна нов штрајк со глад. Но, луѓето во Саудиска Арабија полека се будат, вели за Дојче веле сопругата на Бадави, Енсаф Хајдар.

Пишувањето го донесе до суд: откако во голем број текстови ја критикуваше улогата на религијата во Саудиска Арабија, Раиф Бадави беше осуден на смрт во 2013 година. Но, потоа казната за младиот блогер беше преиначена на десет години затвор, 1.000 удари со камшик и парична казна. Бадави пишуваше критички за вахабизмот, државната религија на Кралството, како и моќта на верските водачи. Судот тоа го нарече „навреда за исламот“. Пред пет години, во јануари 2015 година, Бадави ги доби првите 50 удари со камшик. Остатокот е одложен.

-Раиф е одвоен од нас веќе осум години, ни недостасува и на децата и на мене. Овие денови е неговиот роденден и тој ден секогаш е тежок за нас. Но, ние веруваме дека со срцето е блиску до нас. Тоа ни помага. Се уште се надевам дека тој наскоро ќе се придружи на нашето семејство, изјави неговата сопруга која живее во егзил во Канада.

Минатата година Бадави ја доби наградата Гунтер-Волраф за новинарска критика. Наградата во јуни, во отсуство на Бадави, ја прими неговата сопруга. Уште во 2015 година, овој блогер доби и награда за слобода на говор од Дојче веле. Во меѓувреме, Енсаф Хајдар ја воспостави наградата Раиф Бадави, која им се доделува на новинарите кои пишуваат за кршење на човековите права во исламскиот свет.

Штрајк со глад против самоволието на правниот систем

Минатата година Бадави почна штрајк со глад на 11 декември. Тој во тоа време бил во затвор во самица, вели Енсаф. Последен пат кога им било дозволено телефонски да разговараат имале само една минута.

Ова не е првпат Бадави да стапи во штрајк со глад. Во декември 2015 година и во јуни 2016 година, тој одби да јаде некое време. Овој тековен штрајк со глад го започна заедно со неговиот адвокат и бранител на човековите права- Валед Абулхаир, кој исто така беше уапсен и осуден на 15 години затвор во 2014 година.

Од 22 декември, уште еден активист за човекови права, Калед Сулејман ал-Омаир, почна штрајк со глад. Тој беше уапсен во јули 2018 година, откако поднесе обвинение против еден затворски чувар. Ал Омар тврди дека бил измачуван за време на претходниот осумгодишен престој во затвор. На крајот на октомври минатата година, на Кахлд ал-Омар му беше соопштено дека нема да има понатамошни судења, сослушувања или обвиненија, односно дека ќе остане во затвор на неодредено време. Покрај нив, и други активисти во моментов штрајкуваат со глад во Иран.

Човекови права – улогата на медиумите

Фактот дека сè уште има сила да се бори за нејзиниот сопруг, вели Енсаф Хајдар, се должи и на солидарноста што постојано се покажува во медиумите. Освен етаблираните медиумите, многу интернет страници и социјални мрежи придонесоа да се дознае за случајот на Бадави.

Потпретседателот на САД Мајк Пенс и делегацијата од Европскиот парламент побараа од Владата на Саудиска Арабија да го ослободи Раиф како ненасилен политички затвореник.

Состојбата за човекови права во Саудиска Арабија не се подобри. Секако, некои граѓански права се делумно зајакнати, па на жените сега им е дозволено да возат автомобил или да заминуваат во странство без согласност од машки роднина. Но, во исто време, репресијата против бранителите на човекови и граѓански права се засили во последните години, наведува организацијата за заштита на човечките права Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Со МБС, ситуацијата се влоши

Според извештаите, ситуацијата со човековите права во Саудиска Арабија се влошила од јуни 2017 година, кога Мохамед бин Салман (МБС) беше прогласен за принц. Очигледно, апсењата на критичарите за човекови права или активисти беа претходно на дневен ред. Но, она што го прави бранот за апсење различен е големиот број луѓе погодени од овие мерки и новите репресивни методи кои не беа присутни за време на претходното саудиско раководство, се вели во извештајот на ХРВ.

Така и мачењето и злоставувањето на затвореници стана широко распространета пракса што се применува и на политичките затворенички или активистките за човекови права. Како методи за мачење на пример се користат електрошокови или удари. Жените се принудувани и да ги бакнуваат своите мачители. „Во таквата пракса спаѓа и долг престој во затвор без обвинение или судење“, наведува ХРВ.

Енсаф Хајдар: Луѓето стануваат похрабри

И покрај репресијата, протестот во Саудиска Арабија се зголеми, вели Енсаф Хајдар.

-Многу луѓе кога станува збор за заштита на човечките права или правата на жените станаа похрабри и поактивни. Јас упатив барање до Владата за давање поголеми права на граѓаните. Сè што бараше Раиф – поголеми права за жените, отворање кина и театри – сега е реалност. Но, тој сè уште е во затвор, не го разбирам тоа, вели Енсаф Хајдар. ез/ссм/

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег во Саудиска Арабија

Политички скандал: Откажан мечот меѓу Фенербахче и Галатасарај во Саудиска Арабија

Економијата на Саудиска Арабија поминува низ турбуленции поради намаленото производството на нафта

Предраг Петровиќ

Фудбалерите разочарани од Саудиска Арабија-зедоа стотици милиони, но немаат публика

Махрез заврши во болница

Познато колку пари потрошиле Саудијците за засилување на нивната лига

Предраг Петровиќ