Во ракетен напад врз воен автобус во северозападна Сирија денеска загинаа 10 војници, а деветмина се ранети, објави државната новинска агенција САНА.
Автобусот бил погоден во реонот на Анџара западно од Алепо во утринските часови, јави САНА. Милитантите го нападнале возилото со противтенковска ракета, се додава, но не се наведуваат повеќе детали.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека опозициските борци го извршиле нападот и дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Сириската бунтовничка група Ахрар ал-Шам денеска објави видео на својот канал на Телеграм, на кое се гледа како ракета погодува автобус, а во описот се вели дека тоа е моментот на уништување на воен автобус на про-Асад милициите западно од Алепо.
Неколку часа по нападот, руски воени авиони извршија воздушни напади врз областите под контрола на бунтовниците на северозапад, објави Опсерваторијата, додавајќи дека засега нема информации за резултатите од воздушните напади.
Русија ги распореди своите воздушни сили во Сирија во 2015 година за да обезбеди поддршка за сириската влада.
Северозападна Сирија е последното големо упориште на бунтовниците кои се борат против владата во 11-годишната војна во земјата.
Извор: МИА