Во Лондон продолжува судскиот процес против Асанж

Од:

Во Лондон денеска продолжува постапката за екстрадиција против основачот на Викиликс Џулијан Асанаж кој доколку биде екстрадиран во САД, речиси сигурно ќе се соочи со доживотен затвор.

Во Лондон има најмалку осум затвори, а за британското правосудство за Асанаж го избра Белмарш. Затворот во источен Лондон со максимално ниво на безбедност е изграден за терористи и криминалци кои извршиле тешки кривични дела. Затворските услови важат за тешки. Дури и Википедија го опишува Белмарш како „британска верзија на Гвантанамо беј“, пишува Дојче Веле.

Основачот на Викиликс денеска ќе биде донесен во салата за сослушување во лондонскиот централен кривичен суд Олд Бејли и во наредните три недели таму ќе се одлучува дали 49-годишниот публицист врз основа на 18 точки од обвинението може да биде екстрадиран во САД. Доколку биде осуден, Асанж се соочува со 175 години затвор.

Според Дојче Веле, стратегијата на американското правосудство се заснова на напад врз Асанж не како публицист, туку како хакер. Обвинението од 18 точки може да се сублимира на три клучни: Асанж технички го поддржал изворот на тајните документи, Челзи Менинг, тој го поттикнал Менинг да достави уште материјали и свесно загрозил човечки животи со објавувањето на тајните депеши.

Менинг имал пристап до „протечениот“ материјал – како и десетици илјади други. Наводното барање да се обезбедат дополнителни документи, се заснова само на порака од разговор кој може различно да се толкува. А дипломатските депеши од амбасадите на кои се заснова третото обвинение се кодирани. Овој код беше споделен само со неколку новинари и медиумски куќи за да се спречи неконтролирано објавување на содржината. Викиликс обвинува еден британски истражувачки новинар дека го објавил кодот во една книга и со тоа овозможил глобален пристап до контроверзниот материјал.

За експертот за тортура Мелцер во лондонскиот процес не се работи само за Џулијан Асанж.

– Станува пред сè збор за злосторствата на неговите гонители, засегнатите држави: дека тие го поткопуваат владеењето на правото, дека одбиваат да ги повикаат на одговорност своите воени злосторници и луѓе кои извршиле тортура, и дека сакаат да му покажат пример на светот дека секој што ќе објави информации за државни воени злосторства може да биде осуден како шпион, истакнува Мелцер.

Тој предупредува дека ако ова еднаш пројде „тогаш од правна држава кон тиранија ќе остане уште само мал чекор“.

Ако се погледне наназад низ британската судска пракса, не сите лица против кои се водел процес за екстрадиција мора да бидат затворени во високо безбедносниот затвор Белмарш. Чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче, одговорен за десетици илјади убиства и тортура, го чекаше судењето кон крајот на 1990-те во домашен притвор во близина на Лондон. Имаше неограничен пристап на посетители, а на Божик му беше донесен и свештеник.

На Асанж, кој досега не бил осуден за никакво злосторство, дури на крајот на август за првпат по шест години му беше дозволена посета од партнерката и неговите две деца – но само 20 минути, потсетува Дојче Веле.

Би можело да ве интересира

САД му дадоа гаранции на британскиот суд за Џулијан Асанж

Бајден: Размислуваме да се откажеме од гонењето на Џулијан Асанж

Сопругата на Асанж: Џулијан е политички затвореник, Бајден да се откаже од случајот

Асанж би можел да избегне екстрадиција

САД: Бараме екстрадиција на Асанж поради откривање извори

Адвокатите на Асанж: Политички мотивиран случај, имаме докази за заговор на ЦИА