Колумбиската полиција откри 2,3 тони кокаин наменет за пристаништето во Ротердам, во чиј транспорт биле вклучени членови на „Балканскиот картел“.
Полицијата добила пријава за транзит на контејнер во кој била скриена дрога на брод кој пловел од Еквадор.
При претрес и преглед на контејнер на палубата пронајдени се 2.250 правоаголни пакувања, обвиткани во ленти во различни бои, по што е откриено дека се работи за кокаин, со нето маса од 2,3 тони. Порталот buenaventuraenlinea.com пренесува дека кокаинот доколку би бил доставен до пристаништето во Холандија би вредел близу 80 милиони долари.
„Според информациите од истрагата, кокаинот бил во сопственост на организацијата „Клан дел Голфо“ во соработка со европската транснационална организација за шверц за трговија со луѓе, позната како Балкански картел“, пишува порталот. Крајна дестинација на дрогата, како што се тврди, биле пазарите во Велика Британија, Шпанија и Италија.
Извор: МИА