Првиот амбасадор на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во Израел Мохамед Махмуд ел Хајах пристигна денеска и се очекува да се сретне со претседателот Рувен Ривлин, премиерот Бенјамин Нетанјаху, додека со министерот за надворешни работи Габи Ашкенази веќе одржа средба.
Тој е првиот амбасадор на ОАЕ во Израел во историјата и пристигна во рамки на минатогодишниот договор за нормализирање на односите меѓу двете земји, пренесува Тајмс оф Израел.
Ашкенази рече дека тоа е „историски ден на Блискиот исток и голем чекор кон зајакнување на мирот меѓу двете земји и нации“. – Имаме историска можност да претставиме модел на топол, сеопфатен мир, додаде тој.
Ашкенази рече дека размената на амбасади е „критична за воспоставување билатерални односи и промовирање на мирот“.
Амбасадорот пристигна во Израел со приватен авион и веднаш беше тестиран за коронавирусот, по што замина во хотел, каде ги прими резултатите од тестот.
Во наредните денови, покрај средбите со службени лица, тој ќе бара локација за амбасадата и резиденција.
Амбасадорот Ел Хајах исто така отвори официјален профил на Твитер, а истото го стори и Амбасадата на ОАЕ.