Индонезиски авион од типот ATR 42-500 со вкупно 11 лица на бордот исчезна во близина на градот Макасар. Според извештаите на локалните медиуми и податоците од системите за следење на летови, на планина во близина на местото каде што е изгубен контактот наводно се забележани остатоци од леталото, пишува News18.com.
Авионот му припаѓа на индонезиското Министерство за поморство и рибарство, а во него се наоѓале осум членови на екипажот и три патници. Локалните медиуми објавија дека контактот со авионот бил изгубен околу 13:17 часот по локално време.
Сервисот за следење летови Flightradar24 потврди дека ATR 42-500 исчезнал од радарите. Авионот летал на ниска висина над океанот, што ја ограничило радарската покриеност. Последниот сигнал бил примен во 04:20 UTC, на локација околу 20 километри североисточно од аеродромот Макасар.
„Ги следиме извештаите во локалните медиуми дека ATR 42-500, со регистрација PK-THT, исчезнал во Индонезија. Леталото летало на ниска висина над океанот, па нашата покриеност беше ограничена. Последниот сигнал го примивме во 04:20 UTC, околу 20 километри североисточно од аеродромот Макасар“, соопшти Flightradar24.
Според достапните информации, авионот исчезнал од радарите додека се приближувал кон аеродромот Макасар, откако добил инструкции за маршрутата од контролата на летање. На социјалните мрежи беа споделени снимки за кои корисниците тврдат дека прикажуваат запалени остатоци на планински терен во близина на врвот на планината Булу Сараунг.
Индонезиските власти сè уште официјално не го потврдиле падот на авионот. Анди Султан, раководител на операциите на индонезиската агенција за потрага и спасување во Макасар, изјави дека спасувачки тимови се испратени на терен.