Два воени авиона денеска во Холандија донесоа уште 74 ковчези со телата на жртвите од несреќата на малезискиот авион што се урна во источна Украина пред една недела, јави ДПА.
Авионите полетаа од Харков и слетаа во Ајндховен, каде ги пречекаа околу 200 најблиски роднини на загинатите и претставници на холандската Влада.
Во авионот на летот МН17 на „Малезија ерлајнс“ имаше 193 холандски државјани.
ИТАР-ТАСС пренесе дека и утре ќе продолжи транспортирањето на посмртните останки на жртвите, а се очекува операцијата да заврши во текот на утрешниот ден.
Холандскиот и австралискиот министер за надворешни работи денеска разговараа со украинските власти за постигнување договор за испраќање на меѓународна полициска единица, која ќе ја гарантира безбедноста на местото на несреќата додека трае истрагата за причините што доведоа до неа.
Австралискиот премиер Тони Абот информира дека за Лондон заминале 50 полицајци и тие таму ја очекуваат одлуката за формирање на меѓународната полициска единица со мандат на ОН.
– Јасно е дека на местото на несреќата ништо не се случува без одобрение на вооружените бунтовници, кои најверојатно го собориле авионот, изјави Абот во Канбера.
Абот разговарал со украинскиот претседател Петро Порошенко и со рускиот претседател Владимир Путин за неопходноста од гарантирање на безбедноста на местото на несреќата.
Истрагата за причините на несреќата ја води Холандија, чии власти на молба на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), одобрија остатоците на авионот да бидат преместени.
– Веќе е во тек идентификацијата на жртвите, но таа може да одземе многу време, изјави малезискиот премиер Наџиб Разак.