Во Египет денеска е извршена првата смртна казна за крвавите насилства што избувнаа во јули 2013 година, по сменувањето на исламистичкиот претседател Мохамед Морси.
Смртната казна со бесење беше извршена врз Махмуд Рамадан, исламист и поддржувач на Морси, кој беше осуден за убиството на двајца тинејџери, фрлајќи ги од терасата на една висока зграда во Александрија.
Едниот од нив, Хамад Бадр (19) ги следел протестите на приврзаниците на сменетиот претседател. Кога бил забележан од милитантни демонстранти, тие почнале да го прогонуваат низ улиците, па кога го стасале, прво го претепале, а потоа го фрлиле од терасата на улицата.
Суровото казнување и убиството на Бадр е „уловено“ на снимка од човек кој од покривот на друга зграда ги следел протестите на исламистите.
Насилствата избувнаа во александрискиот кварт Сиди Габер, само неколку денови, откако египетската армија на 3 јули 2013 година, го тргна Морси од власт. Сменувањето уследи по повеќеденвените милионски антисламски демонстрации на приврзениците за секуларен Египет, а против исламизацијата што ја започна Морси.
Војската интервенираше во обид да спречи судир меѓу исламистите и секуларистите.
Во немирите во Александрија, брутално беа убиени најмалку 18 лица.
Стотина исламисти и приврзеници на сега забранетото Муслиманско братство, подоцна беа осудени на смрт за убиствата и за крвавото насислво што траеше во неделите по тргањето на Морси.
Братството ги отфрла обвинувањата и тврди дека убиствата не ги извршиле нивните приврзеници.
Извршувањето на другите смртни казни засега е запрено затоа што судовите ги разгледуваат жалбите на осудениците.