Во близина на јеменскиот град Таиз се водат тешки борби меѓу провлаидните сили и шиитските бунтовници Хуси. Само во последните два дена во градот и неговата околина загинаа 71 лице, пренесоа американските медиуми, цитирајќи јеменски припадник на силите за безбедност.
Единаесет од загинатите се цивили, а останатите се борци од двете завојувани страни.
Други 100 лица се ранети во битките во самиот град, што веќе неколку дена е подложен на бомбардирања од воздух од арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија. Коалицијата ги поддржува провладините сили.
Американските медиуми забележуваат дека Хусите имаат поддршка и на некои армиски единици, кои преминале на нивна страна. Безбедносните сили засега остануваат неутрални во овој внатрешен конфликт.