На аеродром во Цирих се запленети 4,9 тони од растението „кат“ кое се користи како стимулативна дрога, што е најголема количина од тој вид наркотик запленет во Швајцарија.
Официјални лица од царината соопштиле дека растенијата биле сокриени во 495 поштенски пакети, кои биле пријавени како чај и зачин и дека пратките биле испратени во период од две недели на локации во Северна Америка, Европа и Азија.
Според наводите на медиумите се верува дека станува збор за иста група дистрибутери, бидејќи сите се испратени од Најроби.
Инаку „кат“ е растение кое доколку се џвака го стимулира нервниот систем и предизвикува промени на менталните функции и однесувањето. Припаѓа на група психостимуланси од амфетамински вид, слична на екстази.
Популатна е во делови на источна Африка, особено во Сомалија, Етиопија и Кенија како и на Блискиот исток, додека во повеќето европски држави се смета за илегална дрога.
Е.Г.