Рските уметнички лизгачи и тренери Евгенија Шишкова и Вадим Наумов биле во авионот на Американ ерлајнс кој се урна во близина на националниот аеродром Реган Вашингтон, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Шишкова и Наумов, кои се во брак од 1995 година, ја освоија светската титула во уметничко лизгање во 1994 година.
Регионален патнички авион на Американ ерлајнс се судри во воздух со хеликоптер на американската армија Блек Хок во близина на националниот аеродром Реган Вашингтон во средата вечерта, по американско време, по што патничкиот авион се урна во реката Потомак.
Федерацијата за уметничко лизгање на Соединетите Американски Држави потврди дека во патничкиот авион имало неколку нивни членови.
„Овие спортисти, тренери и членови на семејството се враќаа дома од Националниот камп за развој, кој се одржа како дел од првенството на САД во уметничко лизгање во Вичита, Канзас“, се вели во соопштението.
„Ние сме уништени од оваа неискажлива трагедија и ги држиме блиску до нашите срца семејствата на жртвите. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и ќе објавиме повеќе информации кога ќе станат достапни“, се додава во соопштението.