Најмалку 17 лица, меѓу кои има и деца, загинаа денеска во стампедо на стадион во северниот дел на Ангола, а десетици се повредени, соопшти полицијата.
Паниката се прошири на фудбалскиот натпревар во Ангола, во покраината Ујиже, за време на мечот меѓу клубовите „Санта Рита де Касија“ и „Рекреативо де Либоло“, во рамките на домашната лига.
– На влезот на стадионот „4. јануари“, настана метеж, кој предизвика масовни жртви – 17 мртви и 56 повредени, кои се хоспитализирани, изјави портпаролот на полицијата Орландо Бернардо.
Тој додаде дека меѓу жртвите има и деца, но не се знае нивниот точен број.
Илјадници гледачи се обидоа да влезат на преполниот стадион со цел да го гледаат натпреварот, предизвикувајќи метеж, во кој луѓето паѓаа на земја, а причина за смртта на овие 17 лица е газење или задушување во метежот, соопшти полицијата.
Лошата контрола на публиката во Абиџан пред квалификациите за Светското првенство 2010 доведе до 19 смртни случаи, а во стампедо во 2001 година, на стадионот „Акра“ во Гана, загинаа 127 лица.