Владејачката десничарска коалиција во Полска денеска загуби тесно мнозинство во Парламентот, откако тројца не и дадоа поддршка.
Тие ја критикуваа владината политика, пред сѐ еколошката, односно одлуката за постепено напуштање на употребата на јаглен, но и плановите за економски развој по пандемијата на коронавирусот.
Како што пренесуваат странските агенции, нивниот потег не би требало да ја собори Владата на Матеуш Моравиецки, предводена од партијата Право и правда на Јарослав Качински, бидејќи може да смета на поддршката од некои мали партии при гласањето за најважните прашања.
Владејачката коалиција на партиите Право и правда и две помали партии сега има поддршка од 229 од 460 членови на Долниот дом на Парламентот.
На изборите во 2019 година, таа коалиција го загуби мнозинството во Горниот дом, Сенатот, каде има 49 од 100 члена.