Високорадиоактивен радиум бил откриен на некогашна депонија во швајцарскиот град Бил, објавија денеска швајцарските весници „Матен диманш“ и „Зонтагс Цајтунг“, иако властите засега официјално не информирале за најдениот опасен материјал.
Според весниците, градските, кантоналните и федералните властибиле информирани за радиумот уште пред 1,5 година, но одлучиле да не ја информираат јавноста за тоа, пред се, за да не внесат паника меѓу населението на градот, кој има околу 50.000 жители.
Станува збор за остатоци од боја, употребена во фабрика за часовници како луминисцентна покривка за бројките на произведените часовници, која била забранета уште од 1963 година, затоа што е опасна по здравјето.
Отпадоците биле најдени за време на градежни работи на пат.
Вкупната тежина на радиоактивниот материјал изнесувала 120 килограми. При контакт со неа е измерена радиоактивност од стотици микросиверти, изјавил порпаролот на федералното Министерство за здравство Даниел Даувалдер за весникот „Матен диманш“.
Според неговата служба, има „мала“ веројатност најдениот материјал да претставува закана за локалното население.
Во 50-те години на 20-от век депонијата била претворена во градина за земјоделски производи.
На одредени места во реонот биле измерени нивоа од над 300 микросиверти на час, што за повеќе од 100 пати ја надминува нормалната вредност за една депонија, пишуваат весниците.
Три часа минати во близина до ваков извор за еден човек претставуваат радиоактивно зрачење во доза што е еднаква на дозата дозволена за цела година.
Според „Зонтагс Цајтунг“, меѓутоа, швајцарските здравствени власти ги увериле локалните граѓани дека со два милиона бекерела на килограм опасноста за луѓето и животната околина се „ништожни“.