Поранешниот индиски премиер Раџив Ганди, чие семејство се уште доминира во владејачката партија во Индија, веројатно, според дипломатските депеши објавени денеска, бил посредник при продажба и купување на оружје во 70-тите години од минатиот век.
Весникот „Хинду“, кој имал увид во новите информации на „Викиликс“, се повикува на тајни депеши на Американската амбасада во кои се наведува дека Ганди бил најмен од шведската група „Сааб-Сканиа“ за да и помогне при продажба на борбениот авион „Виген“.
Ганди, кој тогаш не бил во политика туку работел како пилот, бил „главен преговарач“ на шведската група, која му платила бидејќи тој и овозможил да стигне до неговата мајка Индира Ганди, која во тоа време била премиер на Индија, пишува во тајните документи.
Во депешите се наведува дека информацијата е добиена од претставници на Шведската амбасада, а американски функционери не сакале ниту да ја потврдат, ниту да ја демантираат оваа информација.
Раџив Ганди беше убиен во 1991 година, неговата сопруга Соња сега се наоѓа на чело на владејачката Конгресна партија, а нивниот син Рахул ќе биде кандидат за премиер на изборите кои ќе се одржат следната година.