Во несреќата животот го загубија новороденче од неколку месеци, 12-годишно момче и уште едно малолетно девојче, изјави за Анса Паоло Роси, координатор на локалната служба за итни случаи.
Познат е идентитетот на седуммината починати лица. Во несреќата загина 21 лице.
Меѓу 15-те повредени лица во текот на ноќта нема нови смртни случаи. Четворица од нив, на интензивна нега, се уште не се идентификувани.
Четворицата најтешко повредени се на возраст од 20 до 30 години. Како што дознава Sky TG24, тројца се хоспитализирани на интензивна нега во болницата Анџело во Местре и еден во Дол.
Полицајците го запленија списокот со гости во туристичкиот камп Ху во Маргера за да ги идентификуваат загинатите и повредените во синоќешната несреќа.
Денеска се очекуваат и резултатите од лекарскиот преглед кој треба да помогне да се идентификуваат лицата чии документи не се пронајдени.
Меѓу 15-те повредени, идентификувани се 11: четворица Украинци, двајца Шпанци, двајца Австријци и по еден Германец, Французин и Хрват. Повеќето од нив се на интензивна нега.
Две лица синоќа се оперирани во Падова каде сега се на интензивна нега.
Претседателот на италијанската област Венето, Лука Заја, зборуваше за несреќата во која загинаа најмалку 21 лице, а околу 20 беа повредени, откако автобус со туристи излета од надвозник во близина на Венеција во северна Италија и се запали.
„Ова е масакр. Во овој момент мораме да размислуваме да спасиме што е можно повеќе животи и да им дадеме утеха на оние кои ги загубија своите најблиски“, изјави Заја за Corriere della Sera.
Веста за несреќата во Местре кај Венеција ја добил нешто пред 20 часот.
„Ми се јави одговорниот за службата 118 во Венето. Се исплашив бидејќи знам дека кога ми се јавува, се случува нешто навистина сериозно. Без двоумење ми рече: Претседателе, се случи масакр. „Крвта ми замрзна во вените. Се соочуваме со трагедија која ретко се случува во Европа“, рече тој.
Тој вели дека се уште нема доволно информации за да зборува за причината за несреќата.
„Рано е за прецизни информации. Се шпекулира. Тоа е надвозник по кој секојдневно поминуваат илјадници возила. Мислам дека тој не беше особено опасен“, рече Заја.
Тој вели дека се уште не отишол на местото на несреќата бидејќи неговото пристигнување само би им создало проблеми на итната помош.
„Сега е време за солзи и болка. Но подоцна ќе треба да ја разјасниме причината за несреќата бидејќи секој што изгубил близок има право да ја знае вистината“, рече тој.