Индиските власти денеска ѝ наложија на војската да им помогне на болниците преполни со ковид-пациенти, додека бројот на заразени и починати секојдневно расте, а во земјата нема доволно ниту вакцини, ниту кислород и други основни материјали за лечење на пациентите.
Во изминатите денови, индиската варијанта на коронавирусот, но и британската, која според лекарите и натаму е распространета, донесе целосен хаос во земјата со 1,3 милијарди жители.
Поради недостаток на медицински кислород и кревети, болниците во Њу Делхи и низ целата земја одбиваат пациенти. Лекарите велат дека постојано се бомбардирани со телефонски повици во кои пријатели, познаници и роднини залудно ги молат да им најдат слободен кревет за некој блисок.
Во изминатите 24 часа, 2.802 луѓе во земјата починале од Ковид-19, а регистрирани се над 352.000 новозаразени, со што земјата петти ден по ред го соборува сопствениот црн светски рекорд во дневниот број на нови случаи. Масовни кремирања на починатите се организираат во најголемите индиски градови.
Индискиот премиер Нарендра Моди денеска имал телефонски разговори со повеќе светски лидери од коишто побарал помош во справувањето со пандемијата, откако властите дозволија лабави заштитни мерки во изминатите неколку месеци, а верските собири на милиони луѓе и слабата едуцираност на населението беа меѓу главните фактори кои предизвикаа ново разгорување во вториот бран од епидемијата.
Американскиот претседател Џо Бајден вети поддршка од САД.
„Претседателот вети неопходна поддршка на САД за индискиот народ“, соопшти Белата куќа по телефонскиот разговор меѓу претседателот Бајден и Моди.
И неколку други земји, меѓу кои и Германија, како и Светската здравствена организација, објавија дека итно испраќаат помош во земјата.
Ситуацијата во Индија, која е силно погодена коронавирусот, е „повеќе од срцепарателна“, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејсус.
– СЗО прави се што може и обезбедува основни намирници и опрема, вклучувајќи илјадници апарати за кислород, монтажни подвижни теренски болници и лабораториска опрема, рече Тедрос на прес-конференција.