Најмалку 27 лица загинаа, а четворица се водат како исчезнати откако ураганот Отис го погоди Мексико, соопштија властите. Невремето се засили вчера пред да го погоди Акапулко, популарен туристички град на плажа со повеќе од милион луѓе, објави Скај њуз.
Десетици илјади луѓе се без струја и чекаат помош повеќе од еден ден откако ураганот ја погоди областа, со ветрови со брзина од 160 милји на час. Станува збор за невреме од петта категорија.
Федералната секретарка за безбедност Роза Ицела Родригез објави 27 потврдени смртни случаи и четворица исчезнати за време на утринската прес-конференција на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор.
Лопез Обрадор рече дека невремето било толку силно што ниту еден столб за струја не останал во погодената област. Тој истакна дека товарот на опустошувањето на Отис го сносат малите земјоделци чии посеви од пченка беа опустошени од немилосрдниот ветер и дожд. Тој нагласи дека за Владата е исклучително важна итната реконструкција во регионот.
„Жалиме за 27-те загинати. Осумнаесет лица загинаа во средата вечерта, но бројот на загинати се зголеми вчера. Тоа е она што боли. Материјалните загуби може да се надоместат. Една од жртвите е војник, кој го загубил животот кога бил соборен од ѕидот на неговата куќа“, рече претседателот на Мексико.
Ураганот урна дрвја, а далноводите завршија под вода поради поплави. Власта не реагираше итно да им помогне на народот бидејќи долго време проценуваа колкаво е уништувањето на крајбрежјето. Хотелите во популарниот Акапулко сега се уништени згради, без прозорци, пишува Sky News.
Officials have said that not a single power line pole remained standing in Acapulco. There are still dozens of communities without communication. 💔#HurricaneOtis #HurracanOtis #Otis #Acapulco #México pic.twitter.com/v4FWtE5BuN
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) October 26, 2023
Населението е очајно и фрустрирано од реакцијата на владата. И покрај присуството на 10.000 војници, им недостасува потребната опрема за расчистување на улиците од кал и паднати дрвја. Камиони од владината компанија за дистрибуција на електрична енергија пристигнаа во Акапулко во средата, но враќањето на струјата се покажа тешко бидејќи далноводите беа потопени во кал и вода.
Булеварите и мостовите во Акапулко се наоѓаат под езеро со кафена вода. Ѕидовите и покривите на зградите се уништени, а соларни панели, автомобили и остатоци се расфрлани низ оштетените хотелски лоби. Во некои области на градот луѓето имаа вода до половината. Војниците ги исчистија лисјата од палми и остатоците од помалку поплавените улици.
Сместен под стрмните планини, Акапулко има луксузни куќи и сиромашни квартови сместени на ридовите со поглед на Тихиот Океан. Претседателот Лопез Обрадор истакна дека ураганот Отис го надминал интензитетот на ураганот Полин, кој го погоди Акапулко во 1997 година. Тогаш имаше големи штети, а животот го загубија 300 луѓе.