Полициски службеник од Њујорк е меѓу четирите лица убиени во пукотница што се случи вчера попладне во облакодер во центарот на Менхетен.
Според полицијата, напаѓачот, Шејн Девон Тамура, 27, отпатувал во Њујорк од Лас Вегас, а неговиот мотив за нападот сè уште не е познат. По пукотницата, тој бил пронајден мртов со она што властите го нарекуваат „самонанесена рана од огнено оружје“. Дополнителна муниција била пронајдена во неговиот автомобил.
Тамура го паркирал своето БМВ пред зградата и влегол во канцелариската зграда со пушка М4 во рацете. Штом влегол во лобито, отворил оган врз полицаец од њујоршката полиција кој работел како обезбедување во зградата. Тој, исто така, застрелал жена која се обидела да се скрие зад столб, а потоа „пукал низ лобито“, изјави полициската комесарка Џесика Тиш.
Се качил на катот од административната канцеларија на зградата и продолжил да пука во ходникот пред да си го одземе животот.
Меѓу убиените е и полицаецот Дидарул Ислам, 36-годишен имигрант од Бангладеш, кој работел за њујоршката полиција три години. Тој беше татко на две деца, а неговата сопруга е бремена со нивното трето дете.
Градоначалникот Ерик Адамс потврди дека шест лица се ранети во нападот, а четворица од нив ги загубија животите, вклучувајќи го и полицаецот. „Нема зборови за да се опише ова зло. Се молиме за сите погодени од овој ужасен чин“, рече Адамс.
Вооружениот напаѓач, според властите во Лас Вегас, имал „документирана историја на проблеми со менталното здравје“. Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат зошто патувал низ неколку држави – Колорадо, Небраска, Ајова и Њу Џерси – за да стигне до Њујорк и зошто ја избрал токму оваа зграда.
Зградата каде што се случи пукањето е дом на десетици компании, вклучувајќи ги канцелариите на НФЛ, инвестициската група Блекстоун, Руден Риал Естејт и сметководствената фирма КПМГ САД.
ФБИ објави дека се приклучило на истрагата, но нагласи дека во овој момент не е пронајдена никаква врска помеѓу вооружениот напаѓач и жртвите или Њујорк.
Полицијата потврди дека вооружениот напаѓач влегол во зградата со пушка М4, додека во неговото возило биле пронајдени револвер и шаржери со муниција. Тој имал дозвола за оружје од Невада.
Истрагата продолжува, а властите велат дека сè уште не е познато зошто Тамура ја таргетирал оваа деловна зграда во центарот на најнаселениот американски град.