ВИДЕО: Украина индиректно го призна соборувањето на авионот со затвореници

Од:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека „игра со животите на украинските затвореници“ по смртоносната авионска несреќа во западна Русија. Тој бара меѓународна истрага по несреќата што се случи вчера во Белгородската област во близина на украинската граница.

Од друга страна, Русија соопшти дека нема преживеани откако украинските сили го собориле авионот Ил-76 со 65 украински воени заробеници, шестмина руски членови на екипажот и тројца чувари. Москва тврдеше дека Украинците биле во авионот за размена на затвореници.

Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека не и било кажано да обезбеди безбеден воздушен простор, како во претходните прилики на трансфер на воени заробеници.

Во своето видео обраќање доцна синоќа, претседателот Зеленски рече дека „очигледно е дека Русите си играат со животите на украинските затвореници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество“.

Зеленски, кој денеска го откажа планираното регионално патување поврзано со неговиот роденден, нагласи дека „мора да се утврдат сите факти“.

Вчерашните изјави на украинската воена разузнавачка служба се сметаат, според Би-Би-Си, за премолчено признание дека соборила воен транспортен авион, иако нагласи дека нема веродостојни информации за тоа кој се наоѓал во авионот.

На видеото кое се прошири на социјалните мрежи се гледа авионската несреќа проследена со експлозија кај селото Јаблоново, 70 километри североисточно од градот Белгород, околу 11 часот по локално време. Регионалниот гувернер на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека авионот се урнал во поле во близина на станбена зона и дека сите во авионот загинале.

Генералштабот на Украина, цитиран од Украинска правда, првично соопшти дека авионот носел ракети за руските системи за воздушна одбрана С-300. Не ги спомна воените заробеници.

Украина и Русија многупати разменуваа заробеници од почетокот на војната. Би-Би-Си вели дека е јасно дека Русија го искористила нападот со авион за да ја прикаже Украина како агресор, иако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Руското Министерство за одбрана тврди дека размената на затвореници требало да се случи вчера попладне на граничен контролен пункт 100 километри западно од Белгород.

Министерството соопшти дека воениот транспортен авион полетал од воздухопловната база Чкаловски североисточно од Москва на пат кон Белгород, наведувајќи дека украинските воздухопловни сили истрелале два противвоздушни ракети од областа Липси јужно од украинската граница.

Украинскиот државен орган задолжен за воени заробеници предупреди дека Русија „активно спроведува специјални информативни операции против Украина, чија цел е да го дестабилизира украинското општество“.

Дмитро Лубинец, украинскиот парламентарен комесар за човекови права, апелираше до Украинците да им веруваат само на официјалните извори: „Немојте да бидете измамени со провокации. Подетални информации ќе бидат дадени подоцна“.

Андреј Картаполов, претседател на парламентарната комисија за одбрана на Русија, тврди дека имало втор авион во воздух со 80 украински затвореници, но авионот потоа го сменил курсот откако првиот авион паднал.

„Сега не може да стане збор за друга размена на затвореници“, изјави Картаполов за руската телевизија.
,

Би можело да ве интересира

Голем руски напад на енергетскиот систем во Украина

ВИДЕО: Спречен обид за атентат на Зеленски

Русите испраќаат „страшно“ оружје: Нема спас од него

Предраг Петровиќ

Итна наредба: Зеленски го повикал целиот Генералштаб, можно е да се побара помош од НАТО

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) 98-годишната Украинка Лидија го фасцинираше светот: Ја преживеав Втората светска воја, ова е полошо

Русија распиша потерница по Зеленски

Катерина Ѓуровски