Шест тела се извлечени од мочурливото подрачје на реката Св. Лоренс во Квебек, а станува збор за семејства кои илегално се обидувале да влезат во САД, соопшти денеска полицијата, додавајќи дека уште едно дете се смета за исчезнато.
„Се верува дека шесте лица се од две семејства, едното е со романско потекло, а членовите на другото семејство се индиски државјани“, рече заменик-началникот на полицијата во Аквесане, Ли-Ен О’Брајан на прес-конференција.
„Полицијата верува дека едно дете од романското семејство не е пронајдено и ние ја продолжуваме потрагата. Се верува дека сите се обиделе илегално да влезат во САД од Канада“, додаде О’Брајан.
Меѓу загинатите има пет возрасни и едно дете помладо од три години. Кај жртвите биле пронајдени канадски пасоши. Полицијата ги чека резултатите од обдукцијата и токсиколошките тестови од Монтреал.
Американскиот претседател Џо Бајден и канадскиот премиер Џастин Трудо минатата недела се договорија да ги затворат неофицијалните гранични премини преку кои барателите на азил се обидуваат да влезат во Канада. Критичарите тврдат дека поради овој потег бегалците и мигрантите би можеле да преземат уште поголем ризик при преминувањето на границата.
Но, полицијата на Аквесасна рече дека договорот со кој се затворени сите неофицијални гранични премини, вклучително и Роксам Роуд во Квебек, не бил фактор во случајот бидејќи овие семејства се обидувале да влезат во САД, а не во Канада.
„Можам да ви кажам веднаш дека тоа нема никаква врска со тоа затворање“, рече О’Брајан.
Бродот на Кејси Оукс, 30-годишен маж кој исчезна од средата, е пронајден во близина на шест тела и полицијата продолжува да го бара, иако не ја потврдува неговата вмешаност во случајот.