ВИДЕО: Русите жестоко го нападнаа Киев, Украинците ги обвинуваат сојузниците

Од:

Русија изврши масовен напад со балистички ракети врз Киев, при што загинаа најмалку три лица, а 22 се повредени. Погодени се станбена зграда и повеќе енергетски објекти во украинската престолнина.

Првите експлозии се слушнале доцна синоќа. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека руска ракета погодила деветкатница во реонот Десњански, предизвикувајќи голем пожар. Во нападот загинаа најмалку две лица, а 21 лице е повредено. Шеснаесет од повредените се пренесени во болница, а четворица биле во тешка состојба.

Нов бран напади следувал меѓу 4:45 и 6:45 часот утрово, кога во градот се слушнале повеќе од десет експлозии. Околу 5:30 часот биле забележани краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија.

По новите напади, Кличко соопшти дека уште едно лице од реонот Дарницки било хоспитализирано, а во реонот Холосиевски имало уште една жртва. Со тоа бројот на загинати се искачи на најмалку три лица, а повредени се 22.

Неименуван претставник од енергетскиот сектор потврдил дека цел на нападите биле неколку електроцентрали. Кличко соопшти дека биле погодени повеќе енергетски објекти, но засега нема официјални информации за обемот на штетата.

Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека во Киев се оштетени и нестамбена зграда, семејна куќа и напуштен објект.

Сирени за воздушна опасност се огласиле и во делови од Лавовската, Волинската и Ивано-Франкивската област во западниот дел на Украина.

Жителот на Киев, Максим, раскажал дека со партнерката најпрво се засолниле во ходникот од зградата, а потоа се упатиле во засолниште, откако експлозија во близина ги скршила прозорците во нивниот дом.
„Сè се случи многу брзо. Не ни беше јасно што се случува“, изјавил тој.

Нападите врз енергетската инфраструктура се случуваат само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да престане со нападите врз руските нафтени постројки. Трамп оцени дека таквите напади придонесуваат за растот на цените на нафтата, кои дополнително се зголемени во контекст на американската војна во Иран.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори дека е подготвен за енергетско примирје доколку Русија престане да ја напаѓа украинската енергетска мрежа.

По нападите, советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави дека сојузниците втор ден по ред не испратиле рано предупредување за лансирање ракети. Подоцна и Зеленски потврди дека Украина не добила таква информација.

„Нашиот систем ги откри ракетите дури кога се приближуваа до Киев“, изјави Зеленски, додавајќи дека меѓу целите биле киевска термоелектрана и станбена зграда.

Украинските воздухопловни сили потврдија дека Русија лансирала балистички ракети кон Киев. Во соопштението се наведува дека не биле добиени информации од партнерите за лансирања од руска територија ниту на 12 ниту на 13 октомври.

Само еден ден претходно, на 11 октомври, неименувани извори објавија дека администрацијата на Трамп упатила закани до високи украински воени и владини претставници, со цел да ги спречи нападите врз руските рафинерии за нафта.

Според изворите, на украинските претставници им било посочено дека САД би можеле да ја повлечат поддршката за Украина, вклучително и размената на разузнавачки информации и програмата PURL, преку која се набавува американско оружје за Украина.

„Ги повикаа сите клучни воени претставници и им се закануваа. Велат дека ќе ја прекинат размената на разузнавачки информации и PURL“, изјавил украински претставник.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Повторно погодени бродови во Црното Море кај Бугарија

Катерина Ѓуровски

Европа контра Трамп, подготвува нов пакет санкции за Русија

ВИДЕО: Зеленски изненаден од објавата на Трамп, но го прифаќа примирјето, се чека Путин

Од овој момент, е во сила енергетско примирје меѓу Русија и Украина, објави Трамп

Зеленски: Подготвени сме да престанеме да ја напаѓаме Русија, но и Путин мора да престане

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Трет напад врз рускиот технолошки гигант „Јандекс“ за четири дена, прекината многу услуги