Илјадници Германци излегоа на протести против електронското следење на комуникациите од американското разузнавање во странство, што опфаќа и приватни лица во Европа.
Неодмана поранешниот консултант на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден објави дека агенцијата соработувала со германското разузнавање во рамки на програмата за електронско следење на информациите.
Германските власти најавија дека ќе спроведат истрага во каков степен германското разузнавање соработувало со американските колеги.
Германската Влада остро ги отфрли обвинувањата дека ги следат електронските комуникации на граѓаните и политичарите во Германија, која има едни од најстрогите закони за заштита на личните податоци во светот.
Германски активисти, меѓу кои Пиратската партија и движењето Окупирај се здружија во организирање на протестите под наслов „Престанете да не следите“.
Протестите беа организирани низ 30 градови во Германија, но сепак бројноста остана доста под очекувањата на организаторите.
Во Франкфурт полицијата соопшти дека се собрале 1.000 демонстранти. Во Берлин, Минхен и Карлсруе нивниот број изнесуваше само 500 лица.