Низ Велика Британија денеска е организирана почесна стрелба во чест на принцот Филип, кој почина вчера на 99-годишна возраст.
Во Лондон, Единбург, Кардиф и Белфаст се стрелаат 41 плотун секоја минута од пладне (по британско време). Плотуни се истрелани и од бродови на Кралската морнарица во чест на Војводата од Единбург, кој служел како поморски офицер за време на Втората светска војна.
За Војводата од Единбур нема да биде организиран државен погреб. Неговото тело ќе се наоѓа во замокот Виндзор пред погребот, кој ќе се одржи во капелата на „Свети Гeорги“.
Поради коронавирусот многу процедури ќе бидат изменети. Официјалните лица апелираат до јавноста да не присуствува на погребот или на која било друга церемонија.
Во меѓувреме, sвоната на Вестминстерската опатија од шест часот по локално време (седум по средноевропско време) ќе ѕвонат по еднаш на секоја минута – и така 99 пати.
Принцот Филип и кралицата Елизабета се венчаа токму во Вестминстерската опатија на 20 ноември 1947 година, пет години пред таа да стане кралица, така што имаа најдолг брак во историјата на британската монархија.
Знамињата во Бакингемската палата и на владините згради низ Велика Британија се спуштени на половина копје, а операторите на билборди ги заменија рекламите со фотографии и пораки со кои му се оддава почит на принцот.
Граѓаните оддаваат почит оставајќи цвеќе пред кралските резиденции, иако се апелира да не се собираат поради пандемијата.
Почит на принцот Филип ќе му оддаде и една прашумска заедница од Вануату, островска држава во Јужен Пацифик, која Војводата од Единбург еднаш ја посетил. Таа заедница го доживеала принцот Филип како реинкарнација на антички воин. Токму таа заедница ќе му оддаде почит на принцот Филип со ритуално жалење и церемонијален танц, според Би-Би-Си.
Војводата од Единбург минатиот месец ја напушти болницата во Лондон, по едномесечен престој на лекувањето. Тој беше хоспитализиран поради претходни проблеми со срцето.