14-годишно девојче е прогласено за хероина откако нејзиното брзо размислување спречи училишен автобус да удри во бензинска пумпа во Нов Јужен Велс. Средношколскиот автобус минатата среда бил паркиран пред училиштето, кога почнал да се движи.
Изабел Милер, која се качила во автобусот само за да разговара со пријателите, истрчала на предниот дел од возилото и го грабнала воланот додека автобусот се придвижил и се упатил директно кон автомобилите на бензинската пумпа, пишува Гардијан.
A 14-year-old girl has saved a runaway school bus from disaster in Casino. #9News pic.twitter.com/I1DDynxTqL
— 9News Sydney (@9NewsSyd) November 28, 2023
“Претпоставувам дека сопирачката попушти и автобусот почна да се движи. Бидејќи е блага надолнина, тој забрза. Но, една млада девојка истрча на предниот дел од автобусот, ја притисна сопирачката и го насочи на другата страна”, објаснува вработен на бензинската.
На снимката од надзорните камери се гледа како луѓе стојат на патот на автобусот пред 14-годишното девојче да го фати воланот. Говорејќи во емисијата Nine’s Today, Милер истакна дека „сите беа преплашени“. „Никој не направи ништо за да го запре автобусот, па истрчав на предниот дел од автобусот и го скршнав за да избегнам судир“, рече таа.
„Беше доста страшно да се помисли како нешто лошо можеше да се случи ако не направев нешто“, додаде таа. Потврдила дека еднаш возела автомобил на пасиште, но тврди дека освен тоа немала друго возачко искуство.
„Да ја погодеше пумпата, ќе го разнесеше целото место. Како што можете да замислите, можеше да биде катастрофа“, велат сведоците. Директорот на средното училиште Трент Греам и градоначалникот Роберт Мастоу ја пофалија тинејџерката за нејзините постапки. Локалната полиција соопшти дека го истражува инцидентот.