Поради незадоволство од начинот на работа на колумбиската влада и усвојувањето на нови мерки, граѓаните на Колумбија веќе еден месец организираат протести.
Тие демонстрации се претворија во судир со армијата и полицијата.
Протестите, кои започнаа на 28 април против одлуката на владата да спроведе даночна реформа, што вклучува зголемување на даноците, се претворија во крвава пресметка меѓу граѓаните од една страна и претставниците на полицијата и војската од друга страна.
Според првите предлози, колумбиската влада предложи зголемување на даночната стапка на платите, што исто така би ги вклучувало и граѓаните чии месечни примања се движат од 680 долари и повеќе. Оваа одлука предизвика револт кај граѓаните кои започнаа демонстрации во главниот град Богота, а после тоа протестите се проширија и во другите градови.
Иако колумбискиот претседател Иван Дуке го повлече предлогот неколку дена по предложувањето на законот, граѓаните продолжија да се собираат на улиците незадоволни од работата на претседателот, ситуацијата во земјата и корупцијата што го уништува колумбиското општество. Поради притисокот на граѓаните, министерот Алберто Караскиле поднесе оставка од функцијата министер за финансии.
After a month of protests in which 46 people have suffered eye injuries from police teargas rounds and rubber bullets, #Colombia politician tells protesters to ‘stop crying over one eye’.#ColombiaEnAlertaRoja #ColombiaResiste https://t.co/oB1NknKel6 pic.twitter.com/dxZY8SHKL9
— Anonymous (@YourAnonNote) May 28, 2021
Откако полицијата и армијата ги задушија демонстрациите во Богота, центарот на протестите се пресели во градот Кали, каде во последните неколку дена се судрија стотици демонстранти и припадници на безбедносните сили. На последните протести во петокот, градоначалникот Хорхе Оспина објави дека во судирите загинале четири лица.
„Мораме да воспоставиме дијалог меѓу оние кои повикуваат на демонстрации, владата и целото општество. Ако нема разговор, спиралата на насилство ќе продолжи и за жал уште повеќе граѓани би можеле да ги загубат своите животи“, рече Оспина.
Иако одредени политички претставници повикуваат на мир, колумбискиот претседател Иван Дуке нареди ново распоредување на полициски и воени сили во Кали. Дуке додаде дека повеќе од 7.000 војници ќе бидат распоредени во Кали, вклучително и припадници на морнарицата.
И покрај тоа што владата и лидерите на протестите постигнаа некаков договор за крај на демонстрациите, организаторите рекоа дека владата не ги испочитувала деловите од договорот и дека протестите ќе продолжат.
„Додека владата не нè послуша, ние мора да останеме на улица. Ако народот нема мир, нема да има ниту владата“, рече еден од демонстрантите.
Колумбиската влада соопшти дека 17 лица директно вклучени во протестите биле убиени за време на демонстрациите на 28 април. Од друга страна, организациите за човекови права тврдат дека припадници на полициските сили убиле или сериозно повредиле десетици други граѓани за време на протестот.
Многу светски официјални лица исто така проговорија за едномесечниот конфликт. Меѓу другото, државниот секретар на САД изрази загриженост за случувањата и ги повика двете страни на дијалог.
„Граѓаните имаат право на протест. Во оваа прилика, упатувам искрено сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски за време на ескалацијата на насилствата“, рече Блинкен.
Протестите не само што ја нарушија безбедносната состојба во Колумбија, туку создадоа и низа други проблеми. Колумбиското Министерство за финансии процени дека протестите, штрајковите и блокадите ја чинат државата 2,68 милијарди долари. Покрај финансиската штета, Министерството посочи дека блокадата на патиштата доведува и до недостиг на храна и други материјали, пораст на цените и нарушување на деловната активност во главното пристаниште на Колумбија.