Крузерот кој се наоѓа во центарот на епидемијата на хантавирус пристигна на шпанскиот остров Тенерифе, каде што се очекува да се истоварат 147 патници како дел од внимателно оркестрирана меѓународна операција за репатријација, објави CNN.
MV Hondius ќе се закотви во пристаништето Гранадиља на Канарските Острови, а патниците ќе бидат евакуирани во нивните матични земји откако ќе биде потврдено дека немаат симптоми, соопштија официјални лица. Откако бродот исплови од Аргентина минатиот месец, три смртни случаи се поврзани со хантавирус, ретка болест која обично се предизвикува со изложеност на урина или измет од заразени глодари. Неколку други се евакуирани од бродот на лекување.
Бродот ќе се закотви на „најбезбедно“ растојание од пристаништето, соопштија локалните власти. Патниците ќе бидат транспортирани до брегот во мали чамци кои можат да сместат до 10 лица, одделени по националност, според туристичкиот оператор Oceanwide Expeditions.
Неколку земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Франција, Белгија, Ирска и Холандија, испраќаат авиони за евакуација на своите граѓани. „Редокот на истоварување ќе биде координиран со пристигнувањето на летовите за репатријација“, рече „Оушнвајд“, додавајќи дека багажот на патниците ќе остане на бродот и ќе им биде вратен подоцна.
Службеник на американските центри за контрола и превенција на болести изјави дека 17-те американски патници, од кои ниту еден нема симптоми, ќе бидат однесени во Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска. Објектот е дом на Националната единица за карантин, објект финансиран од федералната влада. По кратка проценка, патниците ќе ги поминат следните 42 дена во домашен карантин, а се очекува мониторингот да се одвива најмалку еднаш дневно, рече службеникот.
Се очекува 14-те шпански патници да бидат првите што ќе се истоварат, носејќи маски FFP2. Маски ќе носат и сите вклучени во транспортот и логистиката, изјави во саботата шпанската министерка за здравство Моника Гарсија. Тие ќе бидат однесени во воена болница, каде што ќе бидат сместени во еднокреветни соби без посетители. Ќе бидат подложени на PCR тестирање по пристигнувањето и седум дена подоцна, соопшти шпанското министерство за здравство.
Пристигнувањето на бродот предизвика тензии на Канарските Острови. Лидерот на регионот, Фернандо Клавихо, претходно оваа недела изјави дека е против пристанувањето на бродот. Пристанишните работници во Тенерифе, исто така, протестираа, изразувајќи загриженост поради недостатокот на информации за потенцијалните ризици.
Бродот и неговиот екипаж треба да го продолжат своето патување до Ротердам во Холандија, каде што екипажот ќе се истовари, а бродот ќе биде дезинфициран. Епидемијата на хантавирус првпат беше пријавена во Светската здравствена организација на 2 мај, која соопшти дека епидемијата претставува низок ризик за општата популација.
