Полската полиција денеска неколкупати интервенираше со солзавец и гумени куршуми за да ги растера групите десничари и националисти во Варшава, собрани на традиционалниот Марш на независноста.
Насобраните на маршот, што полските радикали и националисти традиционално го организираат на националниот празник на 11 ноември, фрлале кон полицијата со петарди, камења и шишиња.
Поради пандемиските и санитарните мерки, класичниот Марш на независност, кога десетици илјади националисти маршираа низ центарот на Варшава, беше забранет од градските власти, а судот ја одби жалбата на организаторите. Поради тоа тие годинава го одбележаа празникот со возење автобили и мотоцикли, накитени се национални знамиња и партиски симболи.
Премиерот Матеуш Моравиецки апелираше до Полјаците да го изразат својот патриотизам со истакнување знамиња на прозорците и балконите и побара да останат во своите домови, а претседателот Анджеј Дуда рече дека среде пандемија, вистински патриотизам е одговорноста да не се заразат сограѓаните.
Сепак, група националисти, заедно со хулигани од навивачите на фудбалски клубови, тргнаа пеш по истата рута од маршот, следејќи ги возилата, и покрај најавата на организаторите дека годинашниот Марш на независност ќе биде само моторизиран.
Првите инциденти се случија на плоштадот де Гол кога шишиња, камења, петарди, метални огради и градски електрични тротинети беа фрлани кон полицијата, која пак, одговори со солзавец. Десетици учесници во нередите се уапсени, потврди портпаролот на полицијата во Варшава, Силвестер Марчак.