Европската Унија никогаш не била посилна, но истовремено се наоѓа во најнесигурната ситуација досега, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур.
Таа предупреди дека ЕУ се соочува со сè покомплексен свет, агресивна Русија, економски притисоци, брзи технолошки промени и раст на ултранационализмот.
„Светот стана отворено непријателски“, рече фон дер Лајен, посочувајќи ги војната во Украина, борбата за индустриски капацитети и технолошките промени како главни предизвици.
Според неа, вистинските проблеми во Европа се користат за создавање поделби, „понекогаш однадвор, но пречесто и однатре“.
„Сакаме ли да се обединиме околу европската идеја дека заедно можеме да одлучуваме за сопствената судбина? Или ќе дозволиме нашите демократии да бидат поткопани од пиони и марионети на авторитарни режими?“, праша таа.
Фон дер Лајен предупреди и на ултранационалистите, антиевропските сили и руското мешање, за кои рече дека имаат заедничка цел – да го нарушат европското единство.
Како најголем приоритет таа го посочи зајакнувањето на европската економија.
Фон дер Лајен оцени дека единствениот европски пазар сè уште е премногу фрагментиран и најави реформи кои треба да бидат завршени до крајот на следната година, како и поедноставување на правилата.
„Во денешната економија брзината е клучна. Мораме да се движиме многу побрзо“, порача таа.
Посебно ја критикуваше трговската нерамнотежа со Кина, наведувајќи дека дефицитот на ЕУ со оваа земја достигнал околу една милијарда евра дневно.
„Некои велат дека ни се заканува втор кинески шок, но тој веќе е тука“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека тоа се чувствува во европските фабрики и заедници и придонесува за деиндустријализација.
Фон дер Лајен повика и на реформа на европскиот енергетски пазар.
„Европа не може да остане индустриска сила ако цените на енергијата структурно се превисоки“, рече таа.
Таа се заложи за поголеми инвестиции во домашни и чисти извори на енергија, вклучително обновливи извори, нуклеарна енергија и биометан.
Според неа, Европа треба дополнително да се електрифицира, да ја намали зависноста од увоз на фосилни горива и да го забрза приклучувањето на новите капацитети за производство на обновлива енергија.
Фон дер Лајен за вештачката интелигенција
Говорејќи за вештачката интелигенција, претседателката на Европската комисија рече дека Европа сака целосно да го искористи потенцијалот на технологијата, но истовремено да ги контролира ризиците.
Таа оцени дека Европа има можност да биде лидер во практичната примена на вештачката интелигенција – во фабриките, болниците, земјоделството и автономното возење.
„Сакаме вештачка интелигенција под човечка контрола“, порача фон дер Лајен.
Во делот посветен на меѓународните односи и трговијата, фон дер Лајен ја нагласи важноста на новите партнерства на ЕУ со Австралија, Индија, земјите од Меркосур, Мексико и Индонезија.
Иако не го именуваше директно Доналд Трамп, нејзините пораки се однесуваа и на неговата политика на поголем протекционизам и изолационизам.
Таа рече дека изолационизмот не е опција за Европа и дека ЕУ мора повторно да ги изгради своите партнерства и да создава глобални коалиции за зајакнување на демократијата и отпорноста.
Фон дер Лајен предложи Канада да стане придружна членка на ЕУ
Посебен гостин на овогодишното обраќање беше канадскиот премиер Марк Карни, кој во Европскиот парламент беше пречекан со долг аплауз.
Фон дер Лајен предложи партнерството меѓу ЕУ и Канада да биде подигнато на највисоко ниво и најави дека Унијата сака да ја отвори можноста Канада да стане првата придружна членка на ЕУ.
„Ова не е партнерство против никого, туку партнерство за нашата заедничка сила“, порача таа, по што нејзиниот предлог беше проследен со стоечки овации.
