Во судирите во Каиро утрово загинаа најмалку 10 лица. Противниците на симнатиот од власт египетски претседател Мохамед Морси ја славеа одлуката на судијата тој да биде притворен, додека неговите приврзаници инсистираат тој да се врати на власт.
Во судирите меѓу приврзаниците на Морси и полицијата во населбата Наср Сити во Каиро, кое е упориште на Морси, загинаа најмалку 10 лица, но неговите приврзаници тврдат дека бројот е двојно поголем. Околу 500 лица се повредени.
Вчера беа убиени пет лица, а во Александрија 72 беа повредени.
Очевидци тврдат дека полицијата користела гас – солзавец во судирите со демонстрантите.
Египетскиот министер за внатрешни работи Мохамед Ибрахим изјави дека од протестите на Муслиманските браќа крај џамијата и покрај каирскиот универзитет нема никаква полза, бидејќи Египет веќе никогаш нема да се врати назад. Според него, во најскоро време ќе биде ставен крај на нивните демонстрации и „тоа ќе се случи во рамки на законот“.
Претходно, времениот претседател Адли Мансур ги повика членовите на Муслиманското братство да се разотидат и вети дека никој нема да биде процесуиран.
Судири меѓу приврзаниците и противниците на Морси имаше и во Гиза, Мансур, Фајум, Гарбија. Кратки судири имаше и во Шарм ел Шејк, но благодарение на брзата интервенција на бедуинските старешини, страстите се смирија.
Во Луксор спротивставените страни разменија молотови коктели, камења и престрелка. Во безредијата уништени се неколку автомобили.