Се очекува Ел Нињо да се развие во наредните месеци, зголемувајќи го ризикот од екстремни временски настани низ целиот свет и дополнително засилувајќи ги ефектите од глобалното затоплување, објави Светската метеоролошка организација (СМО).
Агенцијата на ОН вели дека постои 80 проценти веројатност Ел Нињо да се развие помеѓу јуни и август, додека веројатноста дека ќе трае барем до ноември е близу или над 90 проценти.
СМО објаснува дека развојот на овој климатски модел е поттикнат од невообичаено топлите океански води во тропскиот Пацифик.
„Науката е јасна: Ел Нињо е 90 проценти сигурно дека ќе пристигне во наредните месеци. Светот мора да го сфати ова како итно климатско предупредување“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој додаде дека Ел Нињо дополнително ќе ги влоши последиците од глобалното затоплување.
„Последиците ќе бидат потешки, ќе се шират понатаму и ќе ги преминат границите со катастрофална брзина“, рече тој.
Генералната секретарка на WMO, Селест Сауло, предупреди дека Ел Нињо може да ги интензивира сушите, обилните врнежи од дожд и топлотните бранови, како на копно, така и во океаните.
„Треба да се подготвиме за потенцијално силен Ел Нињо, кој ќе ги влоши сушите и обилните врнежи од дожд и ќе го зголеми ризикот од топлотни бранови“, рече Сауло.
Таа додаде дека сезонските прогнози и раните предупредувања се клучни за спасување животи и намалување на штетите врз економиите и заедниците.
Ел Нињо се јавува во просек на секои две до седум години и обично трае од девет до 12 месеци.
WMO предвидува температури над просекот во речиси сите делови од светот од јуни до август, зголемувајќи го ризикот од топлотен стрес и забрзувајќи го развојот на суши каде што врнежите од дожд се помали.
