Врховниот суд на Бразил вчера нареди домашен притвор за поранешниот претседател Жаир Болсонаро пред неговото судење за заговор за државен удар, нагласувајќи ја решителноста на судот и покрај зголемените царини и санкции на американскиот претседател Доналд Трамп.
Судијата Александар де Мораес пресуди дека Болсонаро е во домашен притвор, велејќи дека ги прекршил ограничувањата што му се наметнати со тоа што наводно побарал од Трамп да се вклучи во неговиот случај.
Болсонаро е на суд пред Врховниот суд по обвинение дека се заговарал со своите сојузници за насилно поништување на резултатите од изборите во 2022 година, на кои беше поразен од претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.
Трамп го нарече процесот „лов на вештерки“ и врз основа на него ги зголеми царините за бразилски производи за 50 проценти, со почеток од утре.
Стејт департментот ја осуди одлуката за домашен притвор, велејќи дека Мораес ги користи бразилските институции за да ја замолчи опозицијата и да ја загрози демократијата.
Тие не дадоа детали, иако Трамп рече дека САД би можеле да воведат уште повисоки царини за увезена бразилска стока.
Мораес донесе одлука со која му забранува на Болсонаро да го користи мобилниот телефон и да прима посетители, освен адвокати и оние овластени од судот.
Претставникот за печат на Болсонаро потврди дека поранешниот бразилски претседател бил ставен во домашен притвор во неговиот дом во Бразилија и дека полицијата му го конфискувала мобилниот телефон, а неговите адвокати рекоа дека ќе се жалат на одлуката, тврдејќи дека поранешниот претседател не прекршил никаква судска наредба.
Некои од сојузниците на Болсонаро се загрижени дека тактиките на Трамп би можеле да им наштетат во Бразил, да го засрамат Болсонаро и да ја поттикнат јавната поддршка за левичарската влада на Лула.
Мореес рече дека поранешниот претседател неколку пати се обидел да ги заобиколи судските пресуди. „Правдата е слепа, но не и глупава“, напиша судијата во својата пресуда.
Болсонаро го нарече Мораес „неконтролиран психопат кој никогаш не се двоуми да оди уште подалеку“.
Куќниот притвор на Болсонаро би можел да му даде на Трамп изговор да воведе дополнителни мерки против Бразил, рече Грациела Теста, професорка по политички науки на Федералниот универзитет во Парана, додавајќи дека Болсонаро се чини дека намерно провоцира ескалација.