Американскиот претседател Џо Бајден денеска на тргнување кон Атланта, ја загуби рамнотежата на скалите кои водеа кон претседателскиот авион и падна, по што 78-годишниот лидер се исправи, стигна до влезот на авионот и мавна за да даде до знаење дека се чувствува добро.
Претседателот неколкупати се сопна пред да падне на колена, но брзо успеа да ја врати рамнотежата.
Од Белата куќа соопштија дека претседателот не е повреден по малата незгода. Портпаролката Керин Жан-Пјер сугерираше дека е можно силниот ветер во воената база Ендруз во близина на Вашингтон да го предизвикал падот.
„Надвор е многу ветровито. Претседателот е 100 отсто добро,“ рече таа.
Бајден е најстариот претседател на САД кој некогаш стапил на таа должност. Тој денеска во Атланта ќе се сретне со претставниците на азиската заедница, откако осум жени беа убиени од страна на вооружен напаѓач.