Шест жени, активистки на еколошката организација Гринпис, се искачуваат на највисоката зграда во Велика Британија, лондонскиот „Шард“.
Активистките на Гринпис се искачуваат по стаклената фасада, на највисоката зграда во Западна Европа, протестирајки против дупчењата што во реонот на Арктикот ги врши нафтената компанија „Шел“ трагајќи по наоѓалишта на сурова нафта.
Претставник на лондонската полиција изјави дека жените дошле до зградата во раните утрински часови и го почнале искачувањето околу 04,30 часот по британско време. Првите сведоци веднаш ја повикале полицијата која на во подножјето на зградата се нашла заедно со повеќе амбулантни и противпожарникарски возила.
Кога спасувачките екипи се нашле пред зградата, активистките на Гринпис веќе биле на четвртината од своето искачување кон врвот.
Организацијата Гринпис издаде соопштение во кое се вели дека оваа зграда е одбрана за протестот, затоа што наликува на парче скршен лед и затоа што таму е ,на три ката, сместено седиштето на „Шел“.
Оваа зграда во форма на пирамида, свечено беше отворена пред една година. Таа е висока 310 метри и има 87 катови. Во првата третина таа е уредена за работа на разни компании, во средината има луксузен хотел со голем базен на педесетиот кат, а во најгорните катови има супер луксузни станови.