Најмалку 14 лица загинаа во судирите меѓу приврзаниците и противниците на соборениот египетски претседател Мохамед Морси, откако војската синоќа соопшти дека на досегашниот шеф на државата му е одземена власта.
Најмалку три лица загинаа во Александрија, од кои една жена, која со нож е избодена во стомакот, а 50 се ранети.
Осум лица загинаа во судирите во градот Марса Матрух во северниот дел на земјата, изјави гувернерот Бадр Танави, а меѓу загинатите има двајца припадници на силите за безбедност.
Три лица загинаа во градот Минија, во јужниот дел на Каиро, од кои двајца полицајци, а 14 се ранети.
Престрелка меѓу приврзаниците и поддржувачите на исламистите избувна и во градот Ел Фајом, каде непознати лица упаднаа во седиштето на партијата Слобода и правда, политичко крило на движењето Муслимански браќа и го ограбиле и запалиле. Во судирите се ранети десетина лица.
Судири избиле и во Каиро, а во Асуан разлутени приврзаници на Муслимански браќа вршеле напади и уништувале автомобили.
Началникот на воружените сили Абдел Фатах ал Сиси изјави синоќа дека Морси е сменет, дека привремено е суспендиран уставот, оти ќе бидат одржани парламентарни и претседателски избори и ќе биде формирана технократска влада.
Претседателот на египетскиот Висок советодавен суд Адли Мансур ќе положи денеска заклетва како времен претседател на Египет.
Во меѓувреме портпаролот на Муслимански браќа, Гехад ел Хадад изјави дека Морси бил изнесен од претседателскиот кабинет и однесен во Министерството за одбрана во Каиро.
Во подршка на армиските сили и на генерал Ал Сиси, кој го објави тргањето од функцијата на Морси, се јавуваат не само опозицијата, приврзениците на секуларизмот и либералните интелектуалци и нивните организации, туку и милионската маса на плоштадот Тахрир во Каиро и ширум Египет.
Луѓето по улиците ги прегрнуваат и ги бакнуваат војниците и нивните старешини, а многумина од оние кои се радуваат на сменувањето на Морси, носат слики од поранешнте претседатели Гамал Абдел Насер и Анвар ел Садат.
Во изјавите на противниците на досегашниот претседател се вели дека „не станува збор за воен удар, туку за волјата на египетскиот народ“.
Опозициските лидери им забележуваат на западните медиуми за, како што велат, поддршката што и натаму му ја даваат на Муслиманското братство.
Во првата реакција во Ерусалим се вели дека интервенцијата на египетската армија е доказ дека таа останува „најсилната институција во Египет, но и знак за консолидирање на нејзината улога како „чувар на секуларните вредности во египетското општество“.
Во меѓувреме американската Амбасада во Каиро му нареди на второстепениот дипломатски персонал и на семејствата на дипломатите да го напуштат Египет поради насилствата, соопшти Стејт департментот и ги предупреди американските граѓани да не патуваат во Египет, а оние кои се наоѓаат таму да си заминат, бидејќи ситуацијата може да се влоши.