Британската кралица Елизабета денеска се обврза дека Владата на Велика Британија ќе продолжи и понатаму да се грижи и да ја заштитува безбедноста на британските прекуморски територии, вклучувајќи ги и Фокландските Острови и Гибралтар.
Во традиционалниот говор на британскиот суверен, со кој се означува формалниот почеток на новата парламентарна сезона, кралицата испрати силна порака до Аргентина и до тамошните политичари за тоа дека Владата во Лондон ќе го заштити правото на луѓето кои живеат на Фокландите самите да одлучуваат за својата иднина.
Пораката од кралицата Елизабета доаѓа по серијата јавни дисквалификации на аргетинските министри, вклучувајќи ја и претседателката Кристина Кирхнер, за референдумот што се одржа на Фокландите во март. Резултатите од изјаснувањето покажаа дека само четворица од гласачите кои гласале на референдумот се изјасниле против сегашниот статус на Островите, кои од 1833 година се британска прекуморска територија. Владата во Буенос Ајрес ги отфрли резултатите од референдумот, нарекувајќи го изјаснувањето на Островјаните „пародија“ и прогласувајќи го референдумот „нелегален и меѓународно неважечки“.
Наместо изјаснување на жителите на Фокландите за тоа каква иднина тие сакаат за островите на кои живеат, аргентинската претседателка инсистира на преговори со Владата на Велика Британија за суверенитетот на островите, за кои таа тврди дека се дел од територијата на Аргентина.
Официјален Лондон ги отфрла таквите барања, инсистирајќи дека правото на самоопределување е во основите на Повелбата на ОН.
Ситуацијата околу Гибралтар е различна од онаа на Фокландите иако Мадрид и Лондон се спорат околу територијата на крајниот југ на Пиринејскиот Полуостров 300 години, колку што Британците го поседуваат малиот простор околу Гибралтарската карпа.
Главните расправии меѓу Велика Британија и Шпанија во последно време се водат околу водите во кои може да ловат риби локалните рибари. Официјален Мадрид тврди дека со договорот од 1713 година, правото на рибарење се однесува само на водите во пристаништето, додека Лондон инистира на просторот од три наутички милји. Овие недоразбирања предизвикаа полицијата и бродовите од шпанската крајбрежна стража, да навлегуваат во британските територијални води околу Гибралтар, гонејќи ги тамошните рибари.