Светлана Кривоногих (46), наводната поранешна љубовница на рускиот претседател Владимир Путин, е вклучена во новата рунда санкции на Велика Британија, пишува Гардијан.
Шефот на британската дипломатија Џејмс Клеверли вчера, по повод посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Лондон, најави нови санкции против поединци и воени субјекти поврзани со Кремљ кои се вклучени во руската инвазија на Украина.
Меѓу санкционираните има и производител на дронови, компанија за делови за хеликоптери и компанија за софтвер за авијација.
Но, она што се чини дека е најстрогата и најличната мерка се однесуваше на Кривоногих, руска државјанка која работела како чистачка во 1990-тите пред да се сретне со Путин во Санкт Петербург. Рускиот истражувачки портал Проект тврди дека Путин е татко на Луиза, ќерката на Светлана Кривоногих. Луиза е родена во 2003 година.
Путин има две возрасни ќерки со поранешната сопруга Људмила, а не ја коментираше приказната што ја објави Проект.
Пред три години беше објавено дека 46-годишната жена живее во луксузен кварт во Санкт Петербург и дека Путин редовно ја опсипува со скапи подароци. Таа наводно пораснала во тој град, „опкружена со криминалното подземје“, пишува Проект, а на рана возраст го изгубила својот татко.
Портпаролот на Путин Димитриј Песков минатата година, очекувано, ги демантираше тврдењата на Проект за врската на Путин со Светлана и татковството на нејзината ќерка. Но, новите наоди од документите имплицираат потврда дека претходно сиромашната Русинка станала неверојатно богата откако се зближила со Путин.
Нејзината ќерка, која сега има 18 години, самата ги поттикна шпекулациите за нејзиниот вистински татко во интервјуата. Таа и самата призна дека е исклучително слична на Путин, но одби да потврди или демантира дека Путин и е татко.
Документи открија дека Светлана поседува имот од дури 100 милиони долари, вклучително и луксузен имот во Монако вреден 4 милиони долари. Станот што го купила се наоѓа во луксузниот комплекс Монте Карло Стар и гледа кон Средоземното Море, веднаш под познатото казино Монте Карло, познато од филмовите за Џејмс Бонд.