Вашингтон во знакот на инаугуралните балови во чест на претседателот Обама

Од:

Во рамките на свеченостите поврзани со инаугурацијата на американскиот претседател Барак Обама, во Вашингтон вчера се одржаа голем број на собири и свечености, меѓу кои централни беа инаугуралните балови, одржани во конвенцискиот центар, јави дописникот на МИА од САД.

Претседателот и првата дама Мишел Обама го отворија инаугуралниот бал, како и балот за семејствата на војниците, танцувајќи на Let’s starts together, изведена од Џенифер Хадсон, додека оскаровецот Џејми Фокс им ја пееше I Can’t stop loving You.

Претседателот Обама им се обрати на собраните, но и преку видео врска ги слушна пораките на офицерите и војниците од Кампот Ледернек во Авганистан.

– Благодарение на вас успеавме да ставиме крај на војната во Ирак. Благодарение на вас му пресудивме на Осама бин Ладен. Благодарение на вас стана можно да им дадеме шанса на Авганистанците да решаваат за својата иднина. Одиме напред и ќе ја зачуваме најголемата воена сила која светот било кога ја видел, изјави Обама на воениот бал, кој претставува традиција воведена во 2005 година, од страна на претседателот Џорџ В. Буш.

Околу 30.000 луѓе беа вкупно поканети на баловите во конвенцискиот центар, оваа година сведени на два наместо десетте одржани минатата година. Рекордот останува во посед на претседателот Бил Клинтон, кој втората инаугурација ја прослави со 14 балови. На годинешните балови настапија и Стиви Вондер и Алиша Кис.

Инаугурацијата помина во знакот на големиот број ѕвезди кои дојдоа да му дадат поддршка на претседателот, па така во почесната ложа на Капитолот се најдоа Ева Лонгорија, Кети Пери, Кеиша и Џеј Зи, додека голем број помалку познати актери, пејачи и спортисти беа измешани низ собраниот народ.

Инаугуралниот комитет организираше и детски концерт, на кој пееше Кети Пери, а за денес е предвиден и бал за раководството и активистите на изборната кампања на Обама.

 Најсреќните Американци имаа можност да купат ограничен број билети за баловите за само 60 долари, но повеќето билети се поделени меѓу финансиските помагачи на кампањата, кои неретко имаат донирано и стотици илјади долари за честа да се сретнат со Обама или со членови на неговата администрација.

Во петокот Обама организираше средба со неговите најголеми спонзори, а во неделата – приватна вечера. Некои од деталите од инаугурацијата кои останаа забележани се џвакањето мастика од страна на претседателот, проѕевањето на неговата ќерка Саша за време на неговиот говор, но и мрачниот поглед кој Мишел Обама го упати кон спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер, за време на неговата здравица на свечениот ручек во Капитолот.

Притоа најкоментирана тема во вечерните часови беше новата фризура на првата дама, како и црвениот фустан на дизајнерот Џејсон Ву рачно изработениот дијамантски прстен на Кимберли Мекдоналд и чевлите на Џими Чу кои ги носеше Мишел Обама.

– Ја сакам Мишел. И, да се осврнеме на најзначајното прашање на вечерта, ми се допаѓаат нејзините шишки. Изгледа добро, како и секогаш, рече претседателот.

 Инаугурацијата на Обама денес го има својот завршен официјален настан, богослужбата во националната катедрала во Вашингтон.

Предвидено е претседателот Обама, потпретседателот Бајден и нивните семејства да се соберат во импозантната катедрала во населбата Џорџтаун во Вашингтон во 10.30 часот, да го слушнат методистичкиот свештеник Адам Хамилтон.

Во пресрет на инаугурацијата, ѓаконот на катедралата во Вашингтон Гери Хал излезе со неколку политички ставови во поддршка на Обама. Катедралата соопшти дека за првпат во својата историја ќе ги отвори своите порти за организирање венчавки на истополови бракови.

Хал воедно даде изјава во поддршка на носење нови закони за построг пристап до оружјето, уште една мерка која Обама ја поддржува.

 – Насилството ги убива луѓето, кои се создадени според ликот на Господ. Тој што го следи Исус мора да застане против оружјето, изјави свештеникот Хал.

Би можело да ве интересира

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Медведев: Америка нема корист од мирот во Украина

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски

Песков: Русија и САД имаат многу проблеми

Горан Наумовски

САД потврди дека севернокорејските војници сега активно се борат заедно со руските сили против Украина

Претставник на американската влада обвинет за објавување информации за планот на Израел за напад на Иран