„Вашингтон пост“: Кашоги влегол во саудискиот Конзулат, но не излегол

Од:

Весникот „Вашингтон пост“, за кого работеше исчезнатиот саудиски новинар и писател Џамал Кашоги, објави фотографија на која се гледа како тој влегува во саудискиот Конзулат во Истанбул пред една недела, со забелешка дека оттогаш му се губи секоја трага.

Американскиот весник наведува дека фотографијата, со печат и датум, им била доставена од „лице блиско до истрагата“.

Истовремено, американскиот државен секретар Мајк Помпео ја повика владата на Саудиска Арабија да ја поддржи „темелната истрага“ за саудискиот новинар и транспарентно да ги објави резултатите од истрагата.

Кашоги (59), кој живееше во егзил во САД, исчезна во Истанбул во вторникот по посетата на Конзулатот каде бил заради документи кои му биле потребни за склучување брак.

За него нема никакви иформации откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул треба да докаже дека дисидентскиот новинар и писател ја напуштил зградата.

– Тие имаат многу камери… ако го напуштил местото, зошто тоа не го докажат, рече Ердоган на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Ердоган рече дека има многу гласини и шпекулации во медиумите за судбината на Кашоги, но додаде дека се надева на одредени резултати што е можно поскоро.

Турските и саудијските власти даваат противречни изјави. Анкара тврди дека тој не излегол од конзулатот, а Ријад вели дека истиот ден го напуштил објектот.

Извор од турската полиција изјави дека Кашоги е убиен во Конзулатот на својата држава во Истанбул.

– Полицијата во своите први заклучоци смета дека новинарот бил убиен во Конзулатот од група што дошла во Истанбул со таква намера и се вратила истиот ден, наведе тој извор.

Турски официјален претставник вчера изјави дека претставникот на Саудиска Арабија во Анкара по вторпат е повикан во Министерството за надворешни работи и дека турските дипломати побарале да биде „во целосна координација” во врска со овој случај.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изрази загриженост поради исезнувањето Кашоги.

– Се надевам дека се ќе се среди. Во моментов никој не знае ништо. Се шират лоши гласини. Тоа не ми се допаѓа, изјави Трамп.

Претходно, американскиот сенатор Линдзи Греам ја предупреди Саудсика Арабија дека ако изнформациите за наводното убиство на новинарот се покажат како точни, тоа ќе има „разурнувачки“ последици врз односите меѓу Вашингтон и Ријад.

Кашоги, кој живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој во моментов е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.

Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-те години на минатиот век дури се обидувал да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.

Би можело да ве интересира

Америка потврди: Им дадовме зелено светло, можат да нападнат

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија